еМагазин
Image default
Македонија

Македонската армија го прослави 27-от роденден

Со пригодна свеченост во Центарот за обука на вода во Охрид денеска беше одбележан 18 август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија.

Во обраќањето пред бројните гости на централната свеченост претседателот и врховен командант на Армијата Стево Пендаровски потсети на историските зачетоци на современата македонска армија, од 18 август 1943 година кога на Славеј Планина беше формирана првата голема воена формација, Првиот баталјон именуван во чест на паднатиот борец и народен херој, член на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди – Мирче Ацев.

„На самите свои почетоци Армијата започна скромно и во крајно неповолни услови. Меѓутоа за кратко време се консолидираше, а веќе во средината на 1990-те години отпочна со структурни реформи, со цел да се трансформира во армија на идна земја членка на НАТО…

До денес ова стратешка цел претставува еден од најголемите кохезиони фактори во нашето општество, поддржан од широк национален консензус зад кој стојат сите релевантни политички партии, огромното мнозинство граѓани од сите етнички заедници, а силна поддршка даваат и невладиниот сектор и бизнис заедницата“, рече меѓу другото Пендаровски.

Претседателот потсети дека по повеќе од две децении реформи и решавање на долгогодишниот спор околу името со Грција, земјата е на чекор од полноправно членство во НАТО.

„Ние многу одамна решивме да ги прифатиме вредностите на Северноатлантскиот договор кој не обврзува да ги чуваме „слободата, заедничкото наследство и цивилизацијата на народите засновани на принципите на демократијата, индивидуалната слобода и владеењето на правото“, како основа на системот на колективна одбрана и заштита на мирот и безбедноста…

Владеењето на правото е наопходен услов за функционирање на демократијата и за развојот на слободното општество. Затоа, наш апсолутен приоритет е да го издигнеме владеењето на правото во наша врвна вредност и да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите и во државата“, рече Пендаровски.

Свое обраќање пред присутните имаше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која истакна дека Армијата својот 27. роденден го празнува во година за која забележа дека е година на успех, година во која се заокружува патот на државата кон членството во НАТО.

Потсетувајќи на секојдневниот ангажман на Армијата во изминатиот период, од сите редовни активности, учеството во мировни мисии во странство, но и акции во вонредни ситуации, па се до крводарителски и акции за спасување, Шекеринска ја истакна обврската на државата и системот да обезбеди најдобар тренинг, најдобра опрема, како и постојано инвестирање во обука на војниците и старешините.

Во рамки на свеченоста во Охрид беше одржана и церемонија на која претседателот на државата Стево Пендаровски ги врачи ордените за воени заслуги доделени на Канцеларијата на НАТО за врски во Скопје, како и Сквадронот на транспортни хеликоптери од воздухопловната бригада на Здружената оперативна команда при Армијата на РСМ.

МИА/Фото:Министерство за одбрана

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Осуда за нападатот на новинарката на Канал 5 од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и новинарските здруженија

Редакција

Во болниците низ Македонија хоспитализирани вкупно 362 пациенти со Ковид-19

Редакција

Се чека одлука на Влада: Комисијата за заразни болести препорача затворање на школите, градинките и универзитетите

Редакција