еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Македонски маски, визери, тунели за дезифенкција, скафандери: Коронавирусот отвори и нови бизнис можности

Професионалниот фотограф Дарко од Скопје изминативе месеци поради пандемијата со коронавирусот остана без работа. Никој не го ангажира за свадба, бидејќи тие не се прават, а нема ни ангажмани ни за крштевки, ни пак за деловни ивенти.

Тој заедно со неколку пријатели, кои имаат искуство во шиење, реши да прави заштитни памучни маски. Го искористи своето претходно познавање на маркетингот, а и за првпат во животот и самиот научи да шие на машина, раскажува тој за еМагазин.

Со продажба на маските почнаа онлајан, работата за брзо им тргна, како што вели тој, а деновиве добија и голема нарачка од наша фирма.

„Не е време за плачење. На сите во оваа време на криза ни треба помош, а да бидеме реални истата нема да стигне до сите. Наместо да се жалиме, треба работите да ги земеме во сопствени раце и да најдеме начин за нов тип на заработувача„, вели тој.

МАКЕДОНСКИ МАСКИ ЌЕ СЕ ПРОДАВААТ И НА АМАЗОН

Примерот на Дарко изминативе неколку месеци го следеа и неколку текстилни фирми низ Македонија, од Прилеп, Штип, Крива Паланка…

Ни една од нив претходно не произведувала заштитни маски, кои во земјава главно пред „корона„ кризата се увезува од Кина, а некои отидоа и подалеку, почнаа да произведуваат и скафандери, производ кој не се произведувал кај нас во големи колични.

Таков е примерот со фирмата „Комфи ангел“ од Прилеп, чија основна дејност е производство на јоргани, перници, заштитници…

На стартот со „корона„ кризата, во оваа фирма, како и во неколку други низ земјава започна производство на заштитни памучни маски, кои се донираа на болници, државни институции…

Денеска сите тие фирми веќе произведуваат маски не само за продажба на домашниот пазар, туку и за извоз и не само памучни, туку и медицински.

„Моментално неделно произведуваме 300 илјади маски. За старт на производството на маски купивме две машини, а периодов инвестираме дополнителни 200 илјади долари во нова линија, со која производството на медицински маски ќе се зголеми на 1,5 милион неделно„, вели за еМагазин, Јане Ѓорески, оперативен менаџер во „Комфи ангел“.

Нивните маски сега вооглавно се продаваат на домашни аптеки, а компанијата веќе ја финализира стратегијата за поголем извоз надвор на што се должат и новите инвестиции.

“Наскоро нашите маски во соработка со нашиот партнер од Англија ќе се продаваат и на Амазон“, вели Ѓорески.

За извоз на хируршки маски надвор е потребен сертифакт EN 14683, кој до крајот на месецов фирмата ќе го добие од акредитирана лабараторија во Австрија, а во „Комфи ангел“ работат и на обезбедување и на CE ознака, која се очекува да ја добијат деновиве, по што до МАЛМЕД ќе поднесат и барање за дозвола за производство на заштитна медицинска опрема.

Фирмата истовремено почна и со производство на скафандери, за кои не е потребен сертификат.

Неделно овде се произведуваат од 10.000-15.000 скафандери, кои 50% се извезуваат надвор, претежно во Германија и Грција.

„Најдолго ќе останеш на пазарот ако брзо реагираш и се адаптираш на тоа што во моментов се бара„, вели Ѓорески.

ОД СВЕТЛЕЧКИ РЕКЛАМИ ДО ВИЗЕРИ

Освен заштитните маски, дел од секојдневието во Македонија, полека но сигурно, стануваат и заштитните визери.

Визерите се една од основните алатки за работа на здравствените работници, но и на стоматолозите, фризерите, козметичарите…, а ги бараат и обичните граѓани, кои сакаат да направат се што можат за да се заштитат од коронавирусот.

Исто како и текстилните фирми, некои од нашите компании, прво за донирање на здравствени институции, а потоа и за продажба почнаа да произведуваат и визери, што порано не го правеле.

Таков е примерот со охридската фирма “Печат плус“, чија основна дејност се светлечки реклами, а во истата се произведуваат и дрвени лустери и табакери.

Од неодамна таму за прв пат се произведуваат и визери, Protect +.

Една од основните дејност и на скопската фирма “Мулти медија“ е исто така светлечки реклами, како и брендирање на бензински, но и изработка на мебел.

И оваа фирма, земајќи ги во предвид новонастанатите услови на пазарот периодов почнала и со поголемо производство на визери, но и на заштитни паравани од плексиглас.

Од фирмата за еМагазин велат дека и претходно произведувале слични производи, но тоа било инцидентно, а периодов поради побарувачката повеќе се фокусирани на истите.

МАКЕДОНСКИ ХИГИЕНСКИ ТУНЕЛ

Слична е и приказната на гостиварската компанија „Универзал“ која се занимава со производство на угостителска и медицинска опрема и која меѓу првите во Македонија за прв пат почна да произведува „хигиенски тунел“ (sanitary gate), во кој се спроведува дезинфекција при влез во објект во кој има поголема посетеност.

Ерзен Несими, проектант во „Универзал“ за еМагазин вели дека идејата за овој производ ја добиле од Италија.

“Пред да се влезе во објектот се поминува низ зона во која соодветен диспанзер распрскува препарат и на тој начин ја дезинфицира облеката.

Веќе има голем интерес за овој производ, а во компанијата веќе разгледуваме и идеи за други производи, кои моментално се бараат на пазарот поради пандемијата“, вели Несими, кој посочува дека компаниите мора да се адаптираат на новите услови и барањата на пазарот.

„Поради пандемијата, бројот на нарачките од угостителските објекти, кои ни се едни од главните клиенти поради нашата основна дејност, почна постепено да се намалува. Како што е познато тие поради “корона кризата“ први беа затворени.

Откако увидовме дека има интерес за ваков производ од бројни објекти одлучивме да вложиме повеќе труд во овој правец, за добиеме нов прилив на средства“, вели Несими.

Неодамна и иноватори од Кавадарци и Кочани почнаа со производство на тунели за дезинфекција.

МАКЕДОНСКИОТ ИЗВОЗ НА ЗАШТИТНА ОПРЕМА ПОРАСНА ЗА 300%

Според податоци на Министерството за финансии, извозот на маски, скафандери и друга заштитна опрема од Македонија е речиси за 300 отсто поголем во април споредено со април минатата година.

Најмногу заштитна опрема според вредност сме извезле во Германија, Катар, Холандија, Белгија и Австрија.

Во овој период вкупната вредност на оваа извезна стока изнесува 390 милиони денари, за разлика од реализираните 135 милиони денари во истиот период лани.

Онаа што е интересно е дека кај нас почна да произведуваат дури и футроли за маски.

Македонската економија како и сите останати во светот доби сериозен удар поради пандемијата со коронавирусот.

Владата досега објави три сета на економски мерки, за чиј ефект мислењата во јавноста се поделени, но онаа во што сите се сигурни, од меѓународни финансиски институции до домашни, Македонија во првиот квартал од годината ќе влезе во рецесија.

Но, сепак овие примери покажуваат дека и во вакво лошо време не е се црно и дека пазарот секогаш нуди нови и нови можности за заработка, а со тоа и опстанок.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Нова реалност: Купена облека ќе пробуваме дома, во ресторан разделени со плексиглас, на забар ќе ни мерат температура

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

МПЦ-ОА бара верниците да ги почитуваат мерките против Ковид-19 за Велигден

Редакција

Наш мајчин и татков јазик е македонскиот и ние нема потреба никому да докажуваме дека сме Македонци, велат од Друштвото на писатели на Македонија

Редакција

Каков имот пријавил Фадил Бајрами, кој повторно е именуван за вицегувернер на Народната банка

Редакција