еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО

Македонски традиционални јадења на „Kitchen tv“ со нашиот готвач Дејан Карапеев

„Kitchen tv“ утре ќе почне да ја прикажува првата сезона од емисијата „Сончева гозба“ со нашиот готвач Дејан Карапеев.

Во „Етно студио“, опремено по традиционален македонски терк, Карапеев на гледачите ќе им презентира традиционални јадења, ќе им покаже како се подготвуваат, но ќе зборува и за локалните намирници и нивната употреба.

Селско месо, турлитава, јагула на струшки начин, дојранска црвеноперка на трска, ширден, бакрдан, свинско месо со праз и суви пиперки, ќе бидат само дел од специјалитетите прикажани во „Сончева гозба“.

-Ќе има и јадења со наши намирници, но подготвени на поинаков начин, поразличен. Сладолед со ореви, кадаиф и маџун, тартар од охридска пастрмка, свежа белвица со топла маринада, гравче со модар патлиџан, домашен пикантен леб со везени пиперки, домашни јуфки со димен крап,…, открива Карапеев во разговор за МИА.

Студиото во кое готви, покрај автентична, дрвена маса, дрвени садови и авани, толчници и чајници, има и стар шпорет на дрва, како и ѕидана печка, исто така на дрва. По ѕидовите висат бакарни лончиња, цедалки, а може да се забележи и кантар.

Карапеев веќе снимил две сезони за „Kitchen tv“. Секоја сеозна има по 20 емисии. Прикажување ќе оди секој ден од 8:00, 14:00 и 20:00 часот.

Соработката со овoj кулинарски ТВ канал што го следат гледачите во целиот регион, почнала преку менаџерот на фабриката „Виолета“, Дијана Мариќ.

-Се запознавме кога готвев во Скопје на коктел за нив. Од „Kitchen tv“ побарале наш готвач. Мариќ ме препорачала мене. Така почнаа сите преговори. Кастингот помина успешно по што ја договоривме соработката, вели Карапеев.

„Сончева гозба“ се снимаше во студиото на „Kitchen tv“ во Белград. Карапеев, кој е воедно член на „Слоу фуд Македонија“ и на здружението „Macedonian culinary chef“, на кастингот лесно одлучил што ќе готви.

-За да го доловам најдобриот начин на готвење, посетив неколку објекти, а за некои рецепти имав поддршка и од Слоу фуд, како и од „Macedonian culinary chef“, додава Карапеев.

Ова скромно младо момче веќе шест години работи во Хрватска, на бродот „Аборда“ што плови по Јадранско море, а има капацитет за 14 лица. Во меѓувреме, има издадено и книга за риба и морски плодови насловена „Од длабочините на морето“.

Веќе, како што најавува, „се крчка“ уште една книга.

МИА/Фото: Фејсбук/Карапеев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Галерија) На Галичник спиев во кола и ја сонував Галичка свадба

Силвана Жежова

(Фото) Доживејте ја есента на најубав можен начин, со јавање на коњи низ Галичник

Редакција

27 години од постоењето на денарот

Редакција