еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК

Македонските компании да се навикнат на комплицираните и долги процедури за повлекување пари од европските фондови

Домашните фирми да не се обесхрабруваат од обемните и долготрајни процедури, да аплицираат за поддршката од ЕУ и да стекнат повеќе искуство во овој домен зашто допрва, по почетокот на преговорите и особено по влезот во Унијата, ќе имаат на располагање многу поголем број фондови и средства, апелира Стопанската комора на Македонија.

Комората уште еднаш ја нагласи потребата од формирање посебен гарантен фонд кој ќе застане финансиски зад компаниите и ќе ги поддржи да аплицираат.

Искористеноста на средствата од европските фондови засега е многу мала. Како што беше речено денеска на прес-конференција, од програмата „Хоризонт 20 – 20“ за седум години сме повлекле само 7,3 милиони евра.

За инструментот за мали и средни претпријатија од оваа програма аплицирале неколку компании, но се уште ниту една не успеала да добие пари.

И реализацијата на ИПАРД не е завидна, иако бележи зголемување. Од 2007 до 2014 година била 17 отсто за ИПАРД 1, а за ИПАРД 2, од 2014 до 2020 досега е 22 процента.

-Големите административни процедури и долгиот период на одобрување се причините за ниската искористеност на европските средства. Но, овие услови се исти и важат за сите земји од ЕУ. Домашните фирми тоа мора да го прифатат, да изградат капацитети, да стекнат знаење и навики и што почесто да аплицираат со проекти, самостојно или како партнери.

По почнувањето на преговорите и особено по влезот во ЕУ на располагање ќе имаат многу повеќе фондови и средства, истакна Јадранка Аризанковска од Стопанската комора.

Аризанковска напомена и дека е неопходно во проектите со кои ќе се аплицира, да бидат застапени еколошката и иновативната компонента.

Програмата „Хоризонт 20 – 20“ за истражување и иновации што во периодот 2014 – 2020 година беше проектирана на 80 милијарди евра за сите европски земји, по 2021 година ќе биде реименувана во „Хоризонт Европа“ и ќе има буџет од 100 милијарди евра.

За приватниот сектор кофинансирањето од европските фондови е 50 – 70 проценти, а за институциите и до 100 отсто.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ЕУ да ја награди Македонија за напорите кои ги има сторено на патот кон Унијата, порача Шолц од Тирана

Редакција

Најавата за вонредна резолуција на ЕП ќе ја врати мотивацијата да се продолжи по европскиот пат, оцени Заев

Редакција

ЕУ го одобри шестиот пакет санкции против Русија

Редакција