еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Манчевски: Работиме на сериозна стратегија за реорганизација на дел од вработените во државниот сектор

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски во разговор за „еМагазин.мк“ се дообјасни во врска со дебатата на која се зборуваше за распределбата на вишокот на вработени во администрацијата за во приватниот сектор.

„Значи не станува збор за никакво непромислено префрлање на вработени од јавен во приватен сектор, туку сериозна стратегија за реорганизација на дел вработените во државниот сектор. Кога анализите и нацрт стратегијата ќе биде готова, ќе излеземе во јавност и ќе одржиме јавна дебата со цел да се дефинира конечен план кој ќе биде добар и во интерес на сите“, рече меѓудругото Манчевски.

Јавноста реагираше на најновите најави дека дел од администрацијата ќе биде понудена на приватниот сектор и дека за тоа ќе бидат плаќани субвенции од страна на државата. Како знаете дека приватниот сектор прво ќе има интерес од овој кадар кој не се знае колку и дали е квалификуван?

– Ова е дел од стратегијата која се подготвува и има за цел да ја намали превработеноста во јавниот сектор, а притоа да обезбеди вработувања во приватниот каде се повеќе фалат работници. За ова се изработува темелна анализа преку која ќе дефинира стратегијата како ова да се направи, а притоа корист да има и приватниот сектор и самите вработени кои ќе преминат таму.

Ова значи дека многу внимателно ќе се избираат кандидатите за соодветните позиции согласно функционалните анализи на институциите, нивните квалификации и искуство и потребите на потенцијалниот работодавец.

На оваа тема веќе имавме состанок со претставници од стопанските комори и синдикатите на администрацијата во Северна Македонија. Финансирањето на обуките за пре и доквалификација, произлезе  токму како нивен предлог.

Дополнително ќе се утврдува дали е потребно доквалификација и обука и како таа ќе се реализира. Значи не станува збор за никакво непромислено префрлање на вработени од јавен во приватен сектор, туку сериозна стратегија за реорганизација на дел вработените во државниот сектор. Кога анализите и нацрт стратегијата ќе биде готова, ќе излеземе во јавност и ќе одржиме јавна дебата со цел да се дефинира конечен план кој ќе биде добар и во интерес на сите.

Превработеноста во државните институции е еден од најголемите проблеми во нашата земја кој ниедна влада досега не го решаваше. Се зафативме со многу сериозен потфат кој ќе има многу позитивни ефекти и врз економијата и врз евроатланските перспективи. Отворени сме и за било какви други предлози, но да бидам искрен до сега не сме ги слушнале.

 Зошто би се субвенционирале овие вработување?

– Што се однесува до субвенциите тие ќе бидат наменети за да се поттикнат што поголем број компании од приватниот сектор да се вклучат во преземањето на вработените. Со тоа ќе отвориме поголеми можности за различните профили на кандидати да најдат работа а самиот процес ќе се забрза. Дополнително на овој начин ќе им обезбедиме и повисоки плати. Да не заборавиме дека секој еден од овие луѓе кои работат во државниот сектор, сепак на некаков начин придонесувал и работел за нашето општество и има одредени квалификации и компетенции што може и треба да се искористат од компаниите.

Исто така, и сите ние како поединци треба да се сетиме дека најверојатно секој од нас познава барем некого кој работи во јавниот сектор. Тие се наши роднини, пријатели, соседи… Секој има лична приказна и сите се наши сограѓани. Целта на оваа Влада е да најде работа за сите. Невработеноста во Северна Македонија падна на рекордно ниски 17,5% и на секаков начин ќе се трудиме овој процент и понатаму да опаѓа. Не ми се допаѓаат коментарите со кои се омаловажуваат или претставуваат како неспособни овие граѓани бидејќи навистина не е секогаш така.

Кога може да се очекуваат повеќе детали за како ова ќе се изведе и која ќе биде стратегијата?

– Очекувам дека за 2 до 3 месеци ќе бидеме целосно подготвени да ја презентираме во јавноста. Во моментов тимови составени од експерти и претставници на институциите ја подготвуваат нацрт  стратегијата и кога ќе имаме повеќе детали ќе ве информираме.

Вишокот на вработени ќе се добие исто така, како резултат на процес на анализа, односно  како резултат на функционалните анализи, кои ќе имаат обврска да ги направат сите институции. Моделот за овие анализи е резултат на консултации и експертска помош од меѓународната заедница, и за тоа имаме целосна поддршка од нивна страна.

Нас ни е потполно јасно дека ова е нов предлог за нас како општество, и не е изненадување тоа што на почеток е нејасен за нашата јавност. Како резултат на тоа се и различните коментари што ги слушаме во јавноста. Во секој случај, во широк и транспарентен консултативен процес ќе се спроведува процесот и убедени сме дека на крајот придобивките ќе ги осетат и вработените во јавната администрација и бизнисите, а најважно и граѓаните, преку намалување на стапката од буџетот предвидена за плати за вработените во јавната администрација.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Вознемирувачки видеа) Во Газа убиени 2.055 деца за неполни три недели

Редакција

Бугарија го забрани отварањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград

Редакција

Села за Законот за амнестија: На 27 април ме убија еднаш, сега ме убиваат повторно

Редакција