еМагазин
Image default
Интервју

Марина Чадо, основач на Пијанофорте: Посветеноста, љубовта кон децата и стручноста – тоа е светото тројство што дава магични резултати

Изградбата на една куќа секогаш почнува од темелот. Полека се и со секој потег таа прераснува во нешто повеќе, во дом и сите во неа се едно семејство. Ова е сржта на размислувањето на музичкото училиште „Пијанофорте“. Поради тоа тие редовно се развиваат како тим и нивните ученици константно се надградуваат. Час по час, настап по настап, тие изградија една институција која создава личности подготвени да ги освојат своите соништа. Повеќе за тоа како функционира музичкото училиште разговаравме со Марина Чадо, неговиот основач.

Што е тоа што го дава духот на Пијанофорте? По што се разликувате од другите?

Благодарам за прашањево, уживам да зборувам на оваа тема. Кога прашањето е за Пијанофорте тогаш зборуваме за тимот или за професорскиот колегиум. Тие се секогаш на прво место! Тие се духот на нашето училиште. Изборот на колективот е темелот! Таму лежи знаењето – и нашето, на основачите, и нивното, на професорите и најназад – на учениците. Посветеноста, љубовта кон децата и стручноста – тоа е светото тројство што дава магични резултати.

Разликата е исто така во односот кон учениците – тие за нас не се бројка. Тие се важни за нас. Ни го даваат чувството дека сме достигнале нешто во животот кога се среќни. Нашата работа е на тие млади луѓе да им понудиме тоа што ќе го збогати нивното образование и култура. Сметаме дека со нив го менуваме општеството на подобро. Со огромно внимение преку нашите алатки влијаеме на иднината на нашите поколенија.

Наскоро имате серија настапи во Словенија. На што се должи меѓународниот успех на вашите ученици и наградите кои постојано ги добиваат?

Успехот на нашите ученици се должи на истрајна, мотивирачка работа, од страна на целиот колектив комбинирана со заинтересираноста и искрена доверба од нивните родители. Настапите во Словенија стануваат еден вид традиција за Пијанофорте. Тие се наша награда за учениците. Тие се победници на меѓународни натпревари во нашата земја, Белгија, Словенија, Србија, Италија. Посебно би сакала да ги издвојам наградите на престижниот меѓународен конкурс Млади Виолинисти.

Пијанофорте како музичко училиште е магично место. Од приземје до 3-от спрат може да се слушнат прекрасни звуци. Каде лежи вашето срце и зошто го создадовте ова искуство?

Многу ми е драго што сте го доживеале нашето училиште како такво, магично. Да, создаваме чуда. Од секое детенце успеваме да направиме уметник, некој кој може суверено да владее музички иструмент, да е господар на  вештината на свирење и да биде дел од групно музицирање. Ова се потпира на многу, многу посветена работа и себе-предавање.

Јас сум најсреќна кога можам да видам дека моето знаење сега е во рацете на идните генерации, дека мојот труд, солзи и пот, не биле залудни. Јас уживам во успесите на другите, помагам да ги надминуваат сите препреки и да стануваат уште поуспешни. Едноставно, ги сакам децата.

Во поп одделот ја имате единствената, посебната Сара Мејс и за разлика од другите нудите нешто специфично за младите. Што е тоа?

Нашиот поп оддел е високо професионален. Колегите се академски поп музичари полни со искуство и љубов за нивната работа. Разликата е во колективот и нивната музичка и педагошка надградба.

Многу сме горди што Сара Мејс е дел од нашиот тим. Таа е професионалец за пример. Оваа работа ја работи со огромен ентузијазам. Нејзиниот пример е голем поттик за нашите ученици. Големите стручњаци и учители се едноставни, тие така и се препознаваат.

Што е тоа што резултира со себе-надминување кај вашите ученици?

Успехот на еден учител е во тоа да успее знаењето да го пренесе на начин така што секој да може да го усвои. Иако подучувањето на виолината е комплексна работа, за мене е многу едноставна. Успевам да бидам разбирлива и реална за секоја возраст. Моите ученици успеваат, а и јас исто со нив.

Нашата програма во основа е направена да го поттикнува ученикот да се надминува себеси! Всушност, во тоа лежи нашата посебност, веќе целосно и без исклучок признаена секаде и од сите.

Дали целосно ја заменивте Вашата виолина со наставничкиот дневник или сѐ уште се служите со неа?

Виолината е и секогаш ќе биде дел од мене. Но да, таква опасност на замена со наставнички дневник демне во оваа професија, тоа е вистина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Андонова: 175 едноставни и економични рецепти за нега, кои можете да ги подготвите дома

Редакција

Марко Видачек, Хрватски форум: Пандемијата не го намали интересот за сезонска работа на македонските граѓани во Хрватска

Редакција

Не e точно дека подмочувањето е нормална работа за жените кои родиле

Редакција