еМагазин
Image default
Македонија

Матурантите наместо државна матура може да полагаат квалификациски испит, уписи за првачиња во мај

Во следните денови останува да ја донесеме конечната одлука како ќе се полага државната матура – дали во јуни или ќе биде укината за оваа генерација матуранти, истакна министерот за образование и наука Арбер Адеми на онлајн прес-конференција, додавајќи дека во идните денови на седници на Владата ќе се разгледува конкретен образовен план со сет мерки.

-Подготвивме конкретен образивен план со сет мерки што ќе се преземат следниот период – и за упис на првачињата, за упис во средно и за високо образование, како и за државната матура. Не би било коректно да објавам тоа што го подготвивме пред да се разгледува на седница на Влада, но една од опциите е укинување на државната матура за оваа генерација што завршуваат средно образование, рече министерот Адеми, кој е сè уште во самоизолација.

Во тој случај, посочи Адеми, факултетите ќе треба да организираат квалификациски испити ако има конкуренција и повеќе матуранти имаат ист број бодови од успехот во средното образование, но смета дека ќе нема проблем зашто некои факултети веќе практикуваат квалификациските испити.

Во сетот мерки, исто така, ќе биде одложувањето на уписот на првачињата во учебната 2020/2021 година, кој ќе биде најверојатно во јуни наместо во мај.

Рече дека сè било навремено преземено за да продолжи наставата преку далечинско учење која, рече, во овие околности е опција за која нема алтернатива и дека со донесените уредби со законска сила, онлајн-наставата стана формална и е избегнато оваа учебна година да се повторува од септември.

Само три дена имавме прекин во наставата, рече Адеми, а потоа МОН и Владата во партнерство со други институции, а пред сè со УНИЦЕФ, воведе модели за е-учење. Ги спомна националната образовна платформа Едуино, која се надополнува постојано со видеолекции по сите предмети за основно и средно, како и со содржини за предучилишна возраст, како и емисијата „ТВ училница“ на МРТ за која рече дека има висока гледаност.

-Предизвици има, особено во основно и средно, но тие се надминуваат. Се воспостави систем кој ќе биде применлив и во иднина. Нема училиште што не почна со учење од далечина како нова форма на едукација во која и наставниците се максимално ангажирани и дневно комуницираат со своите ученици. Тие имаат комплетни насоки за реализирање на наставните содржини и како да ги проверуваат и оценуваат нивните знаења, истакна Адеми.

Потсети и дека е надминат и предизвикот со интернет-пристапот за сите деца со тоа што за 30.000 ученици од над 18 илјади социјално загрозени семејства со донација од „Телеком“ се обезбедени мобилни картички од 10 гигабајти месечно за интернет.

Во соработка со локални самоуправи и со поддршка од бизнис-заедницата, пак, ги обезбедуваат и учениците што немаат персонални уреди за следење на онлајн-наставата.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: 450 оздравени од Ковид-19

Редакција

АРМ чека „специјализирани служби“ да спроведат истрага за војникот Слаѓан Бојковски, посочен како креатор на лажни вести

Редакција

Филипче: Епидемијата со корона вирусот во државата полека се стишува

Редакција