„Медена земја“ освои две престижни признанија на 35. Интернационални документарни награди ИДА, што се одржаа вчеравечер (7 декември) во студијата на „Парамаунт“ во Лос Анџелес.
На најпрестижниот светски настан посветен на документарниот филм, кој е во организација на ИДА (Интернационалната документарна асоцијација) режисерот Љубо Стефанов и снимателот Фејми Даут ги примија: признанието „Pare Lorentz“ („Паре Лоренц“) и наградата за најдобра кинематографија.
Наградата „Паре Лоренц“ на ИДА се доделува „за пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина, правда за сите и откривањето на социјалните проблеми“.
Македонскиот документарец беше номиниран во уште две категории: за најдобар филм и за режија.