еМагазин
Image default
Македонија

Мијалков ми рече или ќе признаеш или ќе лежиш 15 години, рече сведокот Костовски на судењето за „Таргет-Тврдина“

Главната расправа за случајот „Таргет-Тврдина“ продолжува на 14 март со испрашување на сведокот Ѕвонко Костовски од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Костовски денеска во Кривичниот суд рече дека бил откриен оти ги снимал материјалите од скајп комуникацијата од запленетите компјутери на Зоран Верушевски, а при проверката на скајп транскриптите било откриено ЦВ на Ѓорѓи Лазаревски, каде пишувало дека селекторот живее во куќа каде ѕвончето ѕвони како славеј.

-Ѓорѓи беше викнат на разговор во МВР, а по час или два дојде Горан Грујевски и ме праша „зошто бе и мене ме викнаа на разговор и ми рекоа дека сум вадел податоци од системот“. Јас првично негирав, а потоа дојдоа повеќе лица, меѓу кои и Мијалков, кој ми рече или ќе признаеш или ќе лежиш 15 години. Доколку не признаев, покрај нас ќе беше вклучен уште некој од колегите, а постоеше опасност и за моето семејство, рече Костовски.

Грујевски и Мијалков, како што кажа, располагале со компјутери со кои имале директен пристап во системот за следење комуникации.

Костовски посочи дека Ѓорѓи Лазаревски во 2010 година го убедил да вади материјал од незаконското следење на комуникациите и оти првата снимка ја направил на крајот на 2010 година со СМС пораки меѓу тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министрите Миле Јанакиески и Антонио Милошоски.

Потоа откако тоа било анализирано од Зоран Верушевски, почнал да снима аудиоснимки од следењето на политичари, бизнисмени, новинари,… Податоците ги вадел преку компјутер во салата каде бил системот, а од таму ги префрлал на мемориски стик од каде ги преземал на компјутерот во неговата канцеларија и ги снимал на диск.

На почеток ги снимале на ДВД, а потоа на мемориски стик, по што му ги предавал на Ѓорѓи Лазаревски, а тој на Зоран Верушевски. ДВД, како што рече Костовски, ги набавувал Ѓорѓи од надвор, а некогаш купувал и тој.

-Додека ги преземав податоците воопшто немав контакт со Зоран Верушевски. Со него контактираше колегата Ѓорѓи Лазаревски. Решив да прекинам со преземањето зошто немаше никаков ефект и немавме каде и кому да пријавиме и ние ќе бевме на удар. Затоа сметавме дека е најбезбедно да му пријавиме на Верушевски за кого сметавме дека е професионалец, рече Костовски.

За понатамошната судбина на материјалите со Ѓорѓи, како што потенцира, решиле дека е најдобро да одлучи Верушевски.

Костовски рече дека кај себе воопшто не чувал снимени материјали и веднаш ги предавал на Ѓорѓи кој правел некаква датабаза, но не знае дали ги чувал снимките од аудиоразговорите.

Додаде дека кон крајот на септември 2014 година дознал дека материјалите му биле предадаени на лидерот на опозицијата. Тоа му го соопштил Горан Грујевски, кој му рекол дека Зоран Заев бил кај премиерот и му се заканил со снимките за кои рекол дека потекнуваат од странски служби. Му наложил да провери во системот дали се експортирани снимки.

Во предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК, Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви.

Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ѕвонко Костовски: Во УБК се фабрикуваа докази за судска наредба при апсењето на Соња Верушевска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од денеска на настава сите, заврши еднодневниот штрајк

Редакција

Пентагон и во македонските безбедносни системи нашол докази за руски сајбер напади

Редакција

Попис: Македонија има вкупно население од 2.097.319 лица од кои 54,21% Македонци и 29,52 Албанци

Редакција