еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Мицкоски потврди дека бил на „Боемска“: Згрешив, но гревовите и неспособноста на власта се многу поголеми

Во услови кога имаме вистинска катастрофа од ширењето на корона заразата и целосно фијаско на власта која е дезориентирана и не е ефикасна, таа се занимава со тоа дали сум ручал внатре или надвор во ресторан, притоа комплетно покажувајќи го на дело нејзиното нечесно лице и инсталации, напиша на својот Фејсбук профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и потврди дека бил во ресторан во Дебар Маало и дека е подготвен да плати казна доколку е потребно.

Неговата реакција доаѓа откако вчера Државниот пазарен инспекторат најави кривични пријави за угостителски објект на „Боемска“, каде на инспекторите не им бил дозволуван влез, бидејќи таму вечерал лидер на партија.

Мицкоски вели дека власта сака да ја дефокусира јавноста со таа „епска битка“ на специјалците од ЕБР, со вработените од ресторан, јавувајќи се по медиуми, да прават приказна од нешто каде нема и низа други дезинформации, со цел да се тргне вниманието од вистинската катастрофа со животите на граѓаните, предизвикана од неспособната власт.

„Да, точно е дека бев со двајца мои познаници во ресторан во Дебар Маало, прв пат по укинувањето на забраната за посета на угостителските објекти, поради што и не бев информиран доволно за новите протоколи. Ако тоа е мојот најголем грев и моја грешка и пропуст, јас тоа го признавам и подготвен сум да платам парична казна поради тоа.

Не мислам дека луѓето не знаат да направат грешка, битно е грешката да не е таква да направи лошо некому, да наштети некому, да биде непоправлива.

Жал ми е што денес, покрај погубните бројки на ново заболени и починати случаи, катастрофалното менаџирање со кризата од корона вирусот, економскиот дебакл на власта, кражбите на парите на граѓаните со милионски суми, рекетите, распродажбата на националните интереси, денеска тема стана и мојата средба со познаници во една скопска кафеана.

Човечки е да се згреши, и не сум лицемер кој едно говори пред камерите, а друго зад нив.

Сакам да демантирам, дека имав било каков контакт со било кој од државната инспекција или органите на државата. Тоа се измислици за да се потхрани дефокусирањето на јавноста.

И да бидам искрен, овој мој човечки грев, сметам дека е многу помал од состојбата која денес се случува врзана со губењето на животи и неодлучноста на владата која го загрижува здравјето на сите.

Денес вистинската тема е што имаме 101 ново заразен и 4 починати. Власта сака да продаде приказна за да ја скрие вистината за себе, и фактот дека моето одење во ресторан не зарази никого, но нивната неспособност и СДСМ кластерот, да.

Ако некој имаше дилема, сега е повеќе од јасно, кристално јасно дека власта и параполициските сили диригирани лично од Зоран Заев ме следат. И треба да знаат, Македонија не заборава, а сите тие ќе бидат поразени!“, напиша Мицкоски.

Од Државниот пазарен инспекторат вчера најавија дека ќе поднесат две кривични пријави против угостителски објект на „Боемска улица“ во Скопје, каде што се примале гости во затворениот дел од објектот што е строго забрането во услови на пандемија.

„Едната пријава е за непочитување на протоколот, а другата за спречување на инспекциски надзор“, изјави на прес-конференција раководителката на инспекциски надзор одделение Скопје во Државниот пазарен инспекторат, Мери Проја Продановска.

„Вечерва Државниот пазарен инспекторат во околу 18:15 часот беше спречен да изврши увид во еден угостителски објект со образложение дека објектот е од затворен тип и дека нема гости внатре.

Колегите продолжија во другите угостителски објекти, но сепак се вратија кај истиот угостителски објект со уште една замолница да се отвори објектот за да извршат надзор.

По некои два и пол часа успеавме да влеземе во објектот, но пред тоа имаше други дејствија, од објектот излегоа луѓе коишто инспекторите не беа во можност да ги легитимираат бидејќи неможеме да легитимираме, но препознаен е политичар, односно претседател на политичка партија“, изјави Проја Продановска.

Инспекторката апелираше на поголема јавна свест кај сите граѓани и почитување на владините мерки.

„Мојот апел е дека Државниот пазарен инспекторат ги спроведува законите по однос на донесените протоколи во новонастанатата ситуација.

Не распознаваме никого, туку сакаме да порачаме и до политичарите, до сите носители на функции, до сите граѓани да ги почитуваме мерките за заштита“, рече Проја Продановска.

Фото/Видео: Фејсбук/Мицкоски/Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Вознемирувачки снимки од невремето кое го погоди Волос во Грција

Редакција

Казни од 20 евра за граѓаните кои од 30. април нема да носат маска

Редакција

Мицковски го предлага Владимир Панчевски за прв човек на новото СЈО

Редакција