еМагазин
Image default
Балкан

Мицотакис ќе го почитува Договорот од Преспа, но ќе работи на подобрување на проблематичните последици

Нова демократија ќе се придржува до Договорот од Преспа, а ќе работи да ги подобри проблематичните последици, што се спротивни на интересот на земјата. Грција го задржува правото на вето во однос на европската перспектива на Скопје, се ставовите што лидерот на најголемата грчка опозициска партија, Кирјакос Мицотакис ги повтори во интервјуто за Ројтерс.

-Нова демократија ќе се придржува до договорот штом е веќе ратификуван од грчкиот Парламент, но ќе работи за да ги подобри проблематичните последици што се спротивни на интересот на земјата, изјави претседателот на Нова демократија.

Како што соопштуваат од партијата, Мицотакис за Ројтерс кажал дека: „Грција целосно го задржува правото да го блокира процесот на интеграција на соседната земја во ЕУ, ако смета дека не им служи на националните интереси“.

-Мислам дека не постои некој кој би очекувал дека Грција би се согласила да се отвораат и да се затвораат поглавјата кога постојат отворени прашања што не се регулирани од договорите, рекол претседателот на Нова демократија.

Договорот од Преспа и позициите на партијата била една од темите за кои Мицотакис ги информирал амбасадорите во Грција на земјите членки на ЕУ на вчерашниот работен ручек организиран од романскиот амбасадор, чија земја претседава со Унијата, јави дописничката на МИА од Атина.

-Во однос на Договорот од Преспа, господинот Мицотакис повтори дека како премиер ќе направи сé што може за да ги ублажи последиците. Ќе се фокусира на обезбедување на интересите на грчките компании кои го користат брендот „македонски“. Додека, пак, ја истакна важноста што ја придава за гарантирање на грчкиот карактер на македонската култура, соопштуваат од Нова демократија.

Во однос на овие ставови на Мицотакис пред амбасадорите на европските земји, реагираа од владејачката СИРИЗА, велејќи дека претседателот на Нова демократија „зад затворени врати го кажува она што нема храброст да го каже јавно“.

-Иако би очекувале господинот Мицотакис да излезе и да ги обвини владите на ЕУ кои ги претставуваат амбасадорите, затоа што ги „заменија“ пензиите со Договорот од Преспа, нѐ информираат дека се обврза дека „ќе ги ублажи последиците“, во однос на грчките компании кои го користат брендот „македонски“ и ќе се бори за гарантирање на грчкиот карактер на македонската култура. Како точно ќе го направи? Можеби ќе формира Комитет за трговските ознаки? Односно, ќе објави нешто што ќе се состави до 15 мај, соопштуваат од СИРИЗА и го повикуваат Мицотакис, ако има храброст, во Северна Грција да го каже „она што го кажува зад затворени врати пред амбасадорите на европските земји“.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Монах од Света Гора е првиот случај во Грција на хоспитализација на Интензивна нега на лице заразено со делта сојот

Редакција

„Силеџиство јок со Грција“, одговори Мицотакис на заканите од Ердоган

Редакција

Ципрас: Мицотакис им должи извинување на Грците што ги измами и ги наполни со лаги, омраза и поделби за Договорот од Преспа

Редакција