еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА

Минимална плата од најмалку 13.800 денари побараа денеска работниците на маршот на ССМ

Во годината во која се одвиваат активности за изготвување нов закон за работни односи Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) очекува да биде стожер на неговото креирање во насока на негово прилагодување на европското и светското трудово законодавство.

Ова денеска го истакна претседателот на ССМ, Дарко Димовски, читајќи го првомајскиот проглас на протестниот марш што во организација на овој синдикат се одржа почнувајќи од пред зградата на синдикатот, пред Собранието, а потоа неговите учесници дојдоа пред Владата каде имаа средба со премиерот Зоран Заев, на која ги изнесоа своите барања.

ССМ понудиле текст на нов закон за работни односи и очекуваат истиот да биде сериозно разгледан од нивните социјални партнери.

Тие се залагаат за поголеми инвестиции, подобри економски политики и обезбедување на правото за работа за сите, креирање реални и одржливи работни места, повеќе работни места за жените, младите и лицата со попреченост, сигурност на работните места и договори за вработување на неопределено време.

Меѓу барањата е и минимална плата од најмалку 13.800 денари, стабилен пензиски систем – стоп за зголемување на границата за пензионирање, зголемување на испратнините при отказ од деловни причини на 12 плати, право на регрес за годишен одмор за сите вработени.

Синдикалците денеска упатија и барање за еднаквост и рамноправност на жените, стоп за мобинг и дискриминација, заштита на мајчинството и зголемување на правото на породилно отсуство на 12 месеци, како и воведување на правото на татковство.

Димовски рече дека посочените барања на ССМ се прогресивни, развојни и мотивирачки и додаде дека тие, како и предлог-текстот на новиот закон за работни односи се дадени до Владата и сега таа е на потег.

– Први мај – Меѓународниот ден на трудот ќе го искористиме за уште еднаш да ги изразиме нашите ставови и барања во врска со работничките права за кои сметаме и тврдиме дека им припаѓаат на работниците затоа што се работи за основни и најзначајни човекови права заштитени со националниот Устав и со законите, но и со европските и меѓународните стандарди на трудот, се наведува во прогласот што го прочита Димовски.

Додаде дека остро го осудуваат секој обид да бидат ставени на маргините на општеството и да се одлучува за нивната положба и права без нивно учество.

Маршот ССМ секоја година традиционално го организира за да го одбележи Меѓународниот ден на трудот, а оваа година се одржа под мотото „Не може да се ослучува за нас, без нас“.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Затворен огласот за доделување на ваучер за инвертер-клими во домаќинствата, продолжува оној за ранливи потрошувачи на енергија

Редакција

Компаниите од Ивент индустријата разочарани од мерките на Владата за финансиска помош

Редакција

Од следната среда за 10% пониски цени за над 50 основни прехранбени производи

Редакција