еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Поништено незаконското решение со кое Општина Битола се обиде да го присвои планинарскиот дом Копанки

Постапувајќи по жалбата на ПСК Пелистер, Решението на Општина Битола од јуни годинава со кое се оспоруваше сопственоста на ПСК Пелистер врз домот Копанки, Министерството за транспорт и врски утврди дека е незаконско и целосно го поништи, информираат од ПСК Пелистер на нивниот фејсбук-профил.

„Во оваа прилика, по којзнае кој пат, потенцираме – домот Копанки отсекогаш бил сопственост на ПСК Пелистер. Темелите се поставени уште во 1938 година со средства и волонтерска работа на планинарите, со многу тешкотии и опструкции – исто како и денес. Никогаш не бил сопственост на државата или на друг субјект, освен на планинарите! Денешните членови на ПСК Пелистер се само чувари на тој имот, а ќе го остават во наследство на наредните генерации. Копанки само на овој начин бил и ќе остане заедничко добро на сите планинари и сите битолчани.

Пласирањето на „информации“ (на кои бевме сведоци изминатиот период) дека тој е „приватна сопственост на неколкумина поединци и пијаници“ – се само лаги, дезинформации, извртувања на вистината, токму со цел Копанки да стане – сермија или чифлик – на некој газда од олигархиско-политичките елити.

Воедно, сега очекуваме, круговите кои не им мислат добро ни на битолчани ни на ПСК Пелистер ни на Копанки – да бидат обесхрабрени и конечно да не остават на мир да продолжиме со обновата на домот.

Оспорувањето на сопственоста, притисоците и пречките беа постојано присутни и тоа пред се од поединци кои високо котираат во политичките кругови од разни провиниенции.

Ги повикуваме сите нив, без оглед дали се таканаречени претседатели на скијачки клубови, претседатели на добро познати приврзок-партии или министри, претседатели на нивни локални партиски ограноци, претседатели на совети и советници, директори на хотели итн. – да престанат да одработуваат за нечии лични и олигархиски интереси и да ја опструираат обновата на Копанки.

Минатата година во обновата на Копанки беа вложени околу 3.000 волонтерски работни часови со учество на над 400 планинари и граѓани на Битола и државата. Заради негативната кампања водена од споменатите одреден број донатори се повлекоа, а динамиката на обнова во голема мерка оваа година беше успорена.

Исто така, кај Бегова Чешма во моментов имаме десеттина кубни метри чакал, рачно спакуван во вреќи, кои не можеме да ги транспортираме затоа што корпите од жичарницата во јули годинава беа намерно, експресно извадени, еден ден откако веќе транспортиравме исто толкава количина чакал.

Истото се случи и минатата година, така што и лани и годинава дел од материјалот го транспортиравме рачно, на грб.

Го повикуваме менаџментот на хотелот Молика да ни овозможи транспорт на материјалот, согласно Договорот за користење на жичарницата склучен меѓу ПСК Пелистер и ЕЛЕМ-Турс. Никој нема добивка од тоа што обновата се кочи, а материјалот (платен или дониран) да пропаѓа и да се рафрла.

Не сакаме ни да размислуваме за евентуален тужбен поднесок за надомест на штетата што со опструкциите до сега ни е направена, но – сите опции се отворени“, се вели во соопштението на ПСК Пелистер.

фото: ПСК Пелистер

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Со донација од САСА изградено ново инклузивно детско игралиште

Редакција

Credissimo е официјален член на Асоцијацијата на финансиски институции

Редакција

Подарете на најблиските патување во Швајцарија сo Revalid®  

Редакција