еМагазин
Image default
Македонија

Судењето за „Монструм“ продолжува на 5 јуни

На денешното рочиште за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, се испитуваа двајца сведоци, кои биле сослушувани и во претходната постапка во случакот „Монструм“.

На почетокот на рочиштето одбраната предложи неколку сведоци, но обвинителката Фатиме Фетаи нагласи дека било договорено прво да се сослушаат сведоците кои биле претходно испитувани и да се изнесат доказите од претходно, а потоа да се премине кон нови сведоци и нови докази.

Судијата Огнен Ставрев рече да останат само сведоците кои биле испитувани во претходната постапка.

Прво беше испитуван сведокот кој работел за обвинетиот Фејзи Азири, земјоделец кој садел лубеници на земјиште на Азири, што се наоѓа во близина на местото каде што се случи убиството.

На почетокот на сведочењето наведе дека останува на исказот што го дал во 2013 година, при претходната постапка за делото.

Судијата, одбраната и обвинителството, како и обвинетите, му поставуваа прашања во однос на тоа од кога го познава Азири, колку често бил во контакт со него откако се договориле да му ја обработува нивната, каде бил деновите пред да се случи убиството…

Сведокот истакна дека Азири му дал готовина за да ја обработува нивата, да купи се што е потребно за да се садат лубеници, да се платат работници и тој ја презел целата одговорност за работата.

Посочи дека потоа не се слушале, го немал видено тие денови, не се познавале од претходно, туку се  запознале околу 20 март, кога ја договориле работата.

Рече дека денот кога се случија убиствата го поминал во нивата, заедно со неговиот брат и двајца братучеди. Си заминале околу 19.00-20.00 часот, пред да се стемни.

Еден час пред да си одат од нивата заминал во Ченто по набавка, а потоа се вратил да ги земе роднините за да си одат дома.

Не видел ништо сомнително тие денови, се било вообичаено, луѓето кои таму оделе на риболов ги знаел по лик.

Околу 02.00 по полноќ заминал за Струмица, по садници, видел многу полиција кај езерото, но не застанал и за случајот дознал утрото, од човекот од кој пазарел во Струмица.

Не остварил телефонска комуникација со Азири и покрај тоа што нивата која ја обработувале се наоѓала на местото на несреќата. Дури ни по инцидентот не зборувал за тоа со него.

По неколку прашања, Фетаи прочита дел од неговиот исказ од претходната постапка, каде вели дека на нивата на денот на убиствата бил со Роми од Косово, бегалци, кои ги земал да работат од пазарот во Шуто Оризари. Тој потоа кажа дека е поминато многу време и оти не се сеќава точно на се.

Во однос на претходниот исказ, кажа и поразлични работи за времето, деновите и средбите со Азири.

Потоа беше испитуван и сведокот, бербер, кај кого Агим користи услуги долги години.

Му беа поставени некоку прашања околу тоа колку време го познава Агим, колку често одел во неговиот дуќан, како изгледал во текот на изминатите години, дали имал брада…

Сведокот нагласи дека Агим три до четири пати месечно се бричел во неговиот дуќан, а дека еднаш до два пати се потстрижувал, долги години. Посочи дека Агим никогаш не носел долга брада.

По рочиштето одбраната истакна дека со исказот на вториот сведок се негира сведочењето на заштитениот сведок Е1, кој наведе дека наводно лицата кои го извршиле убиството имале брада.

Судијата Ставрев наведе дека рочиштето продолжува на 5 јуни со сослушување на сведоци кои биле испитувани во претходната постапка за случајот.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и предметот беше вратен на повторно судење.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Прво обвинение за одбивање на самоизолација поради корона вирусот: Парична казна за жител на Дебриште кој се вратил од Германија

Редакција

Мијалков на суд: Продолжува судењето за „Таргет-Тврдина“

Редакција

Куновска: И покрај сета горчина, се движиме кон светлата страна на светот

Редакција