Д-р Арбен Таравари
Во оваа колумна решив да зборувам за еден мој многу близок пријател, кој ми одзеде стотици и илјадници часови учење, ми пркосеше со својата мистерија, но ми даде и фантастичен одговор, ми кажа дека секоја ситуација започнува и се решава од него.
А тој пријател, кој што е од витално значење не само за мене, туку и за целото човештво, е: МОЗОКОТ!
Не сакајќи да завршам во комплицирано предавање, ќе се обидам да говорам за некои од неговите стотици и илјадници функции.
Прво, како невролог, силно верувам во она што сум го нарекол Социјален Мозок. Тоа е термин кој што сум го исковал повикувајќи се на општеството како единствен организам и, несомнено, мозокот е неговиот главен орган.
Но, поимот Социјален Мозок е процес кој зависи од многу фактори, пред ce’, од индивидуалната совест, бидејќи сите ние сме во функција едни на други. Во спротивно, Социјалниот Мозок ја губи својата функција и се знае што се случува кога главниот капитал на органот престанува да работи.
Ајде, да се осврнеме на човечкиот мозок. Сите знаеме дека тој е покриен со черепот и дека тука се наоѓа ‘екзекутивот’ на сите наши постапки, дејствија, реакции или аномалии.
Невронауката, на која и’ припаѓам, ни кажува дека во регијата зад десното уво, во мозокот, откриено е она што метафорично се нарекува “Морален Компас”. Со други зборови, нашиот мозок има совршен механизам кој ни покажува како треба да се однесуваме кон другите.
Начинот на однесување кон другите не е само процес кој доаѓа преку едукација, туку добар дел од неговите правила се кодирани во мозокот. Значи, нашиот мозок е роден со извонредна способност (кодирана во гените) на етиката.
Уште од раното детство знаеме што е добро, што е правилно, што е херојско и кои се нивните спротивности. Гледајќи го однесувањето на човечкиот мозок, кога истиот почнува да расте, забележувам стагнација, речиси аномалија на моралниот компас.
Тоа е како некој со помош на магнетни бранови да ја вади од функција нашата вродена способност за оценување на Доброто и Злото. Скот Пек, американски психијатар, ни објаснува дека една од најтешките клетви за човечкиот мозок е ентропијата-тромоста.
Овој феномен, психијатарот Пек, дури, го поврзува и со гревот на зачетокот, што научно и метафизички има ‘сенс’.
Каков е овој механизам кој не ни го дезориентира моралниот компас и ни ја става во фунција тромоста?!
Да се потсетиме дека се раѓаме со морал запишан во мозокот како дадена информација, а ентропијата-тромоста ја стекнуваме во текот на животот, односно таа не се раѓа со нас!
Најверојатно, како и секое стекнато однесување, таа следува поради социјалните аномалии со кои се соочуваме уште од детството. Аномалии кои, навидум, се речиси неважни за нас: родителите кои се расправаат со висок тон, татковци или мајки кои плачат пред очите на детето, подоцна професори кои те диференцираат пред целиот клас само поради етничката припадност, потоа неможноста да се најде работа, рутински очај и предавање … сите овие се ‘војници’ кои непрекинато удираат врз нашиот морален компас и успеваат да деактивираат еден фантастичен човечки механизам за откривање што е најдобро за него и го носат во стапицата на роботизмот!
Потоа ние се претвораме во послушни суштества, како лабораториски животни, екпериментални глувци! Но, дали е можно во функција да се врати Моралниот Компас?! Се разбира, да! Сè е во наши раце! Само треба да го активираме Социјалниот Мозок.
Социјалниот Мозок е помоќен од сите репресивни армии собрани заедно!
Со откривање каде е проблемот, ние автоматски сме започнале со решенијата! Собирајќи се заедно за да ги спречиме социјалните пукнатини што го оштетуваат нашиот мозок, ќе можеме да имаме висок процент на заеднички успех. Нашата сила лежи во нашиот Мозок!
Кога ќе помислам дека многу мал дел поединци, во споредба со мнозинството, страдаат од непоправлива дегенеративна болест на мозокот, се чувствувам добро, најпрво, како невролог, а потоа и како индивидуа.
Но, кога ќе помислам дека, поради сложени причини кои, можеби, ќе ги изложам во некоја друга анализа, добар дел од овие поединци со оштетен Морален Компас се токму оние кои се грижат за нашите судбини. Се разбира, дека се чувствувам лошо.
Затоа и решив, како лекар и како граѓанин, да Ве повикам сите Вас: излезете од Апатија!
Како влегувате, така можете да излезете! Да ги исчистиме факторите на ризик од условите што нè опкружуваат, за да го зајакнеме што побрзо најсилниот Мозок, а тоа e оној што го нарекувам Социјален Мозок!
Нашиот просечен мозок тежи помеѓу 1 и 1,5 кг и е составен од 1-2 милијарди неврони. Не треба да ја потценуваме оваа незамислива моќ во нашите тела!
Рузвелт со право вели: „Луѓето не се робови на сопствената судбина, туку се робови на својот ум!“.
Стекнете ја слободата! Добијте Социјален Мозок! Ангажирајте се сите, ова е од витално значење за сите Вас!
Фото: Алсат М
Ставовите на авторот, не се став на редакцијата на еМагазин