МЗШВ апелира земјоделците да не шират дезинформации околу откупната цена на пченицата.
Трајан Димковски, шефот на кабинет на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство рече дека сумата што ја посочуваат од седум до 8,5 денари се однесува на пченица за сточна храна, а не на онаа квалитетната, за лебно зрно.
Тој додаде дека во Макеоднија има млинови што ја откупуваат пченицата и за 11 денари, но се работи за род со висок квалитет. Ваква цена не може да постигнат земјоделци со по пет хектари жито, туку големите со 300 – 500 хектари.
– Да не си играме и да не манипулираме со цената на пченицата. Идејата е да добиеме квалитетен производ, а не веднаш да зборуваме за ниски цени за да се добијат дополнителни два денара поддршка – нагласи Димковски.
На квалитетно зрно, дополни, отпаѓаат нешто под десет отсто од вкупниот годинашен принос.