еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

На Скопје денеска ќе му се случи #Зелена револуција: Марш за чист воздух, НЕ за загадувањето

Обединети граѓански активисти од Скопје, Битола, Тетово, Гостивар, Струмица, Ново Село, Струга, Охрид и други градови и населени места, денеска организираат Марш за чист воздух – #ЗеленаРеволуција, со почеток во 17 часот пред Министерството за животна средина и просторно планирање и пред Влада во 18 часот.

Тие бараат исполнување на барањата кои се плод на долгогодишна граѓанска активност и иницијативи за подобрување и решавање на многубројните проблеми со загадување и уништување на просторот во кој живееме во нашата земја.

„Барањата се остварливи, конкретни со рокови и одбрани после темелна анализа, затоа очекуваме посветеност и сериозно внимание за секое од нив. Не прифаќаме одговори дека ЌЕ или се работи, дека е долготраен процес, најмалку дека треба да имаме разбирање зошто процесот е комплексен, тоа го знаеме – затоа и го разделивме на конкретни активности и барања во секоја област.

Несфатливо е одолговлекување на конкретни активности како носење на закони кои стојат готови и чекаат одлука, некои и по 5 години, како Законот за почва на пример.

Несфатливо е кочење на одредени активности заради нефункционалност на една или две алки во системот, несфатливо е неспроведување на актуелни закони од една или друга институција или причина.

Несфатлива е инертност кога се во прашање 3.500 животи на ваши сограѓани секоја година и пораст на тешки канцерогени заболувања.

Затоа БАРАМЕ ИСПОЛНУВАЊЕ на сите точки за активниот граѓански сектор да не биде принуден револтот да го подигне на друго ниво и да премине во граѓанска непослушност и повик за бојкот на претстојните избори, затоа што е премината секоја граница на толеранција по долгогодишни институционални борби.

Маршот е граѓански, мирен, натпартиски, мултикултурен. Се оградуваме од секакви политички влијанија, секој е добредојден, но без партиски обележја. Оваa заедничка платформа е само почеток и е производ на сите облици на граѓански активизам од годините наназад, поединечен или организиран, сплотен со младешката енергија на оние за кое ова го бараме, за нашата иднина“, се вели во соопштението.

Здружени граѓански организации и иницијативи: Fridays For Future Skopje, O2 Иницијатива, Не Биди Ѓубре, Скопје Смог Аларм, Мој Воздух, Движење за чист воздух, Го Сакам Водно, Билка, Levizja Nena dhe Femija / Движење Мајкa и Дете, Битола сака чист воздух, Eco Guerilla, Група граѓани од Визбегово, Скопје бара чист воздух, Здрава Котлина, Еко Долина, Младите од Иловица и Штука, Е.Д.Е.Н., Охрид SOS, Struganët për Strugën / Стружани за Струга, Шепасти ентузијасти, Дејзи Фемили

Иницијативи кои ги поддржуваат барањата, но не и бојкотот на избори и граѓанска непослушност: ЕкоКарпош 3,2,1, Ние сме Карпош 4, Плоштад Слобода, Здравје пред профит во Центар, Shoqata ekologjike GvEko / Еколошко здружение ГвЕко / Ekoloji dernegi GvEko, Анима Мунди, Young Friends of the Earth Macedonia, Екоскоп.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

“Од кај имаме пари за 78% повисоки плати?“: Твитер реакции за платите на функционерите

Редакција

„ИГМ Џумајлија“ и „Даблју еко“ ќе останат без А-интегрираните еколошки дозволи

Редакција

Техничка влада: Почна циркузот, министрите и замениците кај да е и за гуша ќе се „фатат“

Редакција