еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

На собраниската Комисијата помина и нацрт амандманот за Преамбулата и АСНОМ

Со девет гласа „за“ и седум „против“ попладнево помина и вториот нацрт амандман за уставни измени во собраниската Комисија за уставни прашања.

Со вториот нацрт амандман за измена на Уставот во Преамбулата на највисокиот правен акт одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор.

На вториот ден од расправата ставовите на власта и опозицијата одеа во истите насоки, како и претходно. За опозицијата со вториот нацрт амандман се бришат најважните државотворни документи за македонскиот народ и се урива правно државниот континуитет на историјата на државата.

Власта останува на ставот дека предлогот е добар и прифатлив, со него не се урива историскиот континиуум на државата, напротив тој се задржува и со него се апсолвираат сите девет одлуки од АСНОМ.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во обраќањето пред членовите на собраниската комисија истакна оти е мошне важно за вакви прашања коишти се од највисок интерес за државата да постои отвореност и подготвеност за дијалог за работите да бидат изработени на најдобар можен начин.

Реплицирајќи на пратеникот од ГРОМ Панчо Минов кој предложи да се вметне и референцата со која што ќе се спомене Уставот од 1991 година, но исто така и дел со којшто ќе се споменат сите уставни измени што произлегле од Охридскиот рамковен договор, Димитров истакна оти тој во целиот процес разговара со најреномираните експерти од оваа област и тие предлози ќе ги земе предвид.

-Ваков пристап најмногу ни треба во овие дебати особено кога разговараме за вакви прашања. Во однос на разговорите меѓу Република Македонија и Република Грција државотворно правните одлуки на АСНОМ не се спорни. Тие се наведени во прогласот, ние можеме да најдеме и друга формулација за овој амандман, но мислам дека вие и јавноста треба да знаете дека државотворните одлуки на АСНОМ апсолутно не се спорни. Можеме таа формулација да ја споменеме ако согледаме дека тоа е подобро, рече Димитров.

Пратеникот Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека со овој предлог амандман предлагачот ги брише одлуките на АСНОМ како конститутивни акти во процесот на создавање на Република Македонија како држава и на нивно место единствено го вметнува прогласот од Првото заседание на АСНОМ, како и Рамковниот договор.

-Власта со еден амандман одлучи да ги избрише деветте историски одлуки на АСНОМ од кои четири имаат државотворно значење за Македонија, рече Димков.

Според неговата сопартијка Слаѓана Митовска, со овој амандман се урива правно државниот континуитет на историјата на Република Македонија.

-Со него добиваме историја која ќе нема правно државен континуитет на којшто ќе може да се повикаме, рече таа и праша зошто и ние „како и Република Грција немаме црвени линии кои нема да бидат преминати„.

Според неа, со предлог амандманот се задира и во суверенитетот на Република Македонија.

Министерот Димитров реплицирајќи истакна дека е лесно да се остане во ровот и фокусот да биде кон црвените линии. Нагласи дека во Грција сеуште се актуелни инсистирањата на одредени политички струи во нашето име воопшто и да не е содржан зборот Македонија.

Пратеничката Ивана Туфегџиќ реплицирајќи на забелешките за вметнување на Рамковниот договор во Уставот, нагласи оти со него веќе се предизвикани 14 измени на највисокиот правен акт поради што не е несоодветно тој да биде внесен во него.

На денешната седница беше отворена и расправата за третиот нацрт амандман. Меѓутоа расправата по него ќе продолжи утре во 11 часот.

Шефот на дипломатијата накусо го објасни третиот нацрт амандман, којшто се однесува на членот три од Уставот на Република Македонија.

-Врз основа на Договорот се утврдува меѓусебната постоечка граница меѓу Репбулика Македонија Република Грција како неповредлива меѓународна граница, при што се презема реципрочна обврска ниту една од двете држави да нема некакви претензии кон кој било дел од територијата на соседната држава, ниту пак претензии за промена на нивната меѓусебно постоечка граница. Двете држави исто така се обврзаа дека нема да поддржуваат претензии од трети страни во однос на неповредливоста на нивната заедничка граница, рече Димитров.

Република Македонија и Република Грција се обврзаа, додаде тој, да го почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседот и да не поддржуваат какви било активности на трети страни насочени кон суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност на другата држава.

Исто така, нагласи Димитров двете држави презедоа обврска во согласност со целите и начелата на Повелбата на Обединетите нации да се воздржуваат од закани или употреба на сила, со намера да се наруши нивната меѓусебно постоечка граница.

Министерот појасни во членот 3 од Уставот е регулирано дека територијата на РМ е неделива и неотуѓива, постојната граница на РМ е неповредлива, РМ нема територијални претенизи кон соседните држави, а границата на РМ може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност согласно општо прифатените меѓународни норми.

-Со амандманот практично предлага додавање на нов став со кој се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, појасни шефот на македонската дипломатија.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ганка Цветанова „удри„ по Димитров и Ременски за македонското малцинство во Грција

Редакција

Што предвидуваат законските измени: Колку граѓаните ќе плаќаат во приватните болници за лекување од Ковид-19

Редакција

ДИК: Излезноста до 15 часот, 22,56%

Редакција