Наплатата на даноци и придонеси заклучно август е повисока за 120 милиони евра во однос на минатата година.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски посочи дека даноците и придонесите пораснале за 7% во однос на минатата година.
– Наплатата на даноците покажува интензивирање на економската активност. Во периодот јануари-август наплатата на даноците е 7% повисока. Ова се должи во голема мерка на растот на данокот на добивка, чија наплата е подобра за 25% во однос на лани или за околу 35 милиони евра. Исто така има раст на придонесите на 7% – рече Тевдовски и додаде дека повратот на ДДВ се одвива непречено.
-Од почетокот на годината до крајот на август, во стопанството се вратени 250 милиони евра поврат на ДДВ. Во август имавме извршено најголем поврат во последните години, во износ од 44 милиони евра. Со обезбедување на ликвидност на фирмите, се поддржуваат нивните тековни, но и инвестициски активности. Во овој период се забележува поголема инвестициска активност на компаниите. Имено, ако се анализира увозот, во периодот од јануари-јули 2018, најголем раст од 19,7% се забележува кај секторот машини и транспортни уреди. Овој податок укажува на раст на инвестициите на фирмите во основни средства – вели Тевдовски.