еМагазин
Image default
Македонија

„Насилство во Центар“ одложено за 10 септември, ќе се чека одлуката за Јанева

Судењето за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година продолжува на 10 септември, откако денешното рочиште се одложи поради ситуацијата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор за случајот „Рекет“.

Судијата Душан Јосифовски го одложи рочиштето по предлогот на одбраната.

– Со оглед на наводите од странките да се почека одлуката на Советот за јавни обвинители за Катица Јанева, Судот донесе решение главната расправа да се одложи за 10 септември, изјави судијата Јосифовски, произнесувајќи се по предлогот на одбраната за одложување на главната расправа до целосно решавање на состојбата со Јанева.

Адвокатот Димитар Дангов го образложи барањето со член 370 став 2 од ЗКП.

– Општопознато е дека Јанева се наоѓа во притвор за предметот „Рекет“, а таа застапува повеќе предмети пред овој суд. Ова значи дека судот ценел дека Јанева можела да го повтори делото за овој и другите предмети и одлучил мерка притвор, истакна адвокатот Димитар Дангов.

Посочи дека Јанева според законот за Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е единствен надлежен застапник на предметите на ова обвинителство.

– Обвинителката Фатиме Фетаи и обвинителот Гаврил Бубевски не го застапуваат предметот, туку ја застапуваат обвинителката Катица Јанева. Од тие причини сметам дека понатамошното застапување ќе претставува искористување на своите службени овластувања за преземање дејствија за кои немаат право. Правото што го нема Јанева, го немаат ниту тие. Ова претставува правна пречка за одржување на главната расправа. Предлагам судот да ја одложи правната расправа, бидејќи за овој предмет не постои овластен тужител, истакна Дангов.

Обвинителката Фетаи посочи дека притвор може да се определи и по други основи и смета дека е потребно најпрво да се прибави решението за притвор на Јанева и да се види што точно се штити со таа мерка, за потоа да може да се произнесе судот по барањето за правото за нивното застапување на предметите.

– Предлагам да се обезбеди решението за притвор на Јанева, па потоа да се одлучува по предлогот на одбраната, изјави Фетаи.

Во „Насилство во Општина Центар” на СЈО обвинети се повеќе лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранечната советничка од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и осум други лица.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Oдбраната бара одолжување на „Насилство во Центар“ до разјаснување на ситуацијата со Јанева

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Продолжи судењето за „Титаник“: Одбиено барањето за одложување поради „Рекет“ и оставката на Јанева

Редакција

Судењето за случајот „Софтвери” продолжува на 8 ноември

Редакција

Беќаровски: Замислете преку 20.000 лица да се рашетаат низ градов, ќе личиме на вселенска станица

Редакција