Наместо радост за првачињата и нормален почетокот на наставата во нашата земја има држ-недај почеток на учебната година поради штрајкот на членовите на Синдикатот на образование, наука и култура (СОНК) кои бараат повисоки плати.
Нивното барање се чини дека е сосем легитимно ако се земе предвид дека тие земаат плати кои се помали од просечната.
Имено, според податоците на Државниот завод за статистика просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јуни 2019, изнесувала 25.205 денари, а просечната плата во образованието изнесувала 24.331 денари. Сепак, оваа бројка ги вклучува и платите од високото образование, а наставниците од основните и средните училишта засега можат да сонуваат за толкава сума месечни примања.
Тоа го потврди и премиерот Зоран Заев кој пред неколку дена од собраниската говорница соопшти дека во 2017 новата Влада затекнала плати од 20.500 денари, кои потоа биле зголемени на 21.600 денари, а со најавеното покачување треба да достигнат до 22.800 денари.
Впечаток е дека токму затоа реагираат и синдикалците кои бараат платите да им се покачат за ветените 25 отсто со што колку толку би се доближиле до просекот во земјава.
Протестот на наставниците како никој да не го очекуваше во период кога сите очи се свртени кон аферата „Рекет“ и статусот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Не треба да се заборави дека токму малите плати и нискиот стандард на наставниците, но и на сите граѓани се меѓу главните проблеми во државата и дека од менаџирањето на ваквите проблеми зависи и иднината на оваа Влада.
На носителите на државните политики треба да им биде јасно дека на сите веќе им е преку глава од политичкото шоу наречено СЈО, односно „Рекет“ за кои се добива впечаток дека се користат да се тргне вниманието на населението од вистинските проблеми –немаштијата и беспарицата од која никако да излеземе.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Наставниците утре нема да држат настава, СОНК не се откажа од предупредувачкиот штрајк
Под прашалник почетокот на учебната година: СОНК најавува предупредувачки протест