еМагазин
Image default
Бизнис

НБРМ: Во третиот квартал растот на економијата над очекуваното, во четвртиот продолжуваат поволните движења

Растот на економијата во третиот квартал од минатата година е над проекцијата на Народната банка на Република Македонија, а НБРМ очекува поволните движења во економијата да продолжат и во наредниот квартал.

Ова е утврдено на денешната седница на Советот на Народната банка на Република Македонија на која го разгледа и усвои најновиот квартален извештај.

-При разгледување на Извештајот, на седницата беше заклучено дека споредбата на последните макроекономски показатели со нивната проектирана динамика во рамки на октомврискиот циклус проекции не упатува на позначителни отстапувања во одделните сегменти од економијата.

Согласно со објавените проценети податоци за БДП, економската активност во третиот квартал на минатата година бележи раст од три отсто, што е нешто повисок од проектираниот во октомвриските проекции.

Ваквото нагорно отстапување главно се должи на повисокиот раст на извозот, односно поповолната нето извозна побарувачка, како и на повисокиот раст на јавната и личната потрошувачка во однос на очекувањата од октомвриските проекции, додека падот на бруто-инвестициите е поголем од очекуваниот.

Годишниот раст на БДП во третиот квартал на 2018 година беше поддржан и од нето-извозот и од домашната побарувачка. Податоците за билансот на плаќања во тој квартал упатуваат на подобри остварувања кај тековните трансакции во однос на планираните, додека тековите во финансиската сметка имаа нешто послаба реализација од очекуваната, наведуваат од НБРМ.

Советот констатира дека тековно расположливите високофреквентни податоци за последниот квартал на минатата година упатуваат на продолжување на поповолните движења во економијата, проследени и со поволни очекувања за растот на индустријата.

-Одредени индикатори упатуваат и на подобрување на секторот „градежништво“ во споредба со претходниот дел од годината. Личната потрошувачка забележа зголемување. Поволни движења се забележани кај вкупните инвестиции, што се должи на инвестициите на приватниот сектор, додека номиналните податоци упатуваат на потенцијално мало проширување на трговскиот дефицит во четвртиот квартал во однос на истиот период од минатата година.

Последните расположливи податоци за бруто девизните резерви за четвртото тримесечје на 2018 година упатуваат на квартален раст, наспроти умерениот пад очекуван со октомвриските проекции. Според сите показатели за нивна адекватност, тие и натаму се одржуваат во сигурната зона, се наведува во соопштението.

Истовремено, на седницата е нагласено дека во последниот квартал од минатата година дојде до забавување на годишниот раст на домашните цени, од 1,6 отсто во третиот, на 1,2 отсто во четвртиот квартал.

Ова забавување е одраз на побавниот раст на цените на енергијата согласно со движењата на цените на нафтата и нафтените деривати на светските пазари, како и на забавеното движење на базичната инфлација.

Од друга страна, кај прехранбената компонента на инфлацијата е забележано мало забрзување на растот. За целата 2018 година стапката на инфлација изнесуваше 1,5 отсто, во најголем дел како резултат на поместувањата кај базичната компонента, а во помал дел од позитивниот придонес на енергетската и прехранбената компонента.

Во рамки на дискусијата за усвоениот Извештај е истакнато дека  континуираниот раст на депозитната база и на кредитната активност на банките продолжи и во последното тримесечје од минатата година, што сигнализира стабилни очекувања и зголемена доверба.

На годишна основа, вкупните кредити во декември се повисоки за 7,3 отсто, што е во рамки на очекуваната стапка на раст со октомвриската проекција, додека годишната стапка на раст на депозитите во декември изнесуваше 12,1 отсто, надминувајќи ја проекцијата за крајот на годината.

Забрзаниот кредитен раст главно произлегува од зголемената кредитна поддршка на корпоративниот сектор, додека депозитниот главно од депозитите на домаќинствата.

На седницата, Советот ја донесе Одлуката за престанување на важењето на Одлуката за условите што треба да ги исполнуваат хартиите од вредност во странство во кои може да вложува овластена банка.

Усвојувањето на оваа одлука следи по објавата за стапувањето во сила на Одлуката за премин во втората фаза на асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји членки, согласно со Спогодбата за стабилизација и асоцијација, а е во насока на натамошно либерализирање на тековите од капиталната и финансиската сметка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Штипски „Макпромет“ лани со добивка

Редакција

Брако од понеделник на саемот за жичани производи во Диселдорф

Редакција

Кои се најголемите акционери во „Витаминка“?

Редакција