еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

#Не биди ѓубре доби Златен сертификат за волонтерство

По повод 5-ти декември Меѓународниот ден на волонтерите, Младински културен центар – Битола (Волонтерски центар на Македонија) од 2006 година востанови Национални волонтерски награди.

Целта е оддавање на јавно признание на волонтери кои се вклучуваат за доброто на својата заедница, помагаат на други и ја промовираат солидарноста, хуманоста и сите позитивни вредности на волонтерските активности.

Оваа година доделија два златни сертификати за волонтерство и тоа Златен сертификат за волонтерство во 2019 година на граѓанската иницијатива #НеБидиЃубре.

„Преку оваа иницијатива активистите во „Не биди ѓубре“ ја подигаат свеста за почиста околина. Во услови кога се чини дека на никому не му е гајле за животната средина, во Скопје се случува токму спротивното, граѓанската иницијатива покажа на дело дека и тoa како се грижат за околината околу нив.

Изминативе две години акцијата ги мобилизира граѓаните самите да го исчистат сметот од улиците и јавниот простор, почна во Скопје и брзо се прошири и во другите градови низ земјава.

„Не биди ѓубре“ успева да мотивира многу граѓани волонтери, но сепак организаторите очекуваат акција, а не само декларативна поддршка од локалните самоуправи и комуналните претпријатија, бидејќи тоа, во крајна линија е нивна обврска.

Деновиве акцијата оди чекор понатаму, на 14-ти декември над 40.000 вработени во јавната администрација, заедно со граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ ќе исчистат локации во Скопје и во други градови во земјава. Нека ова биде пример како едно мало јадро на граѓани може да направи и тоа каква промена и воедно да го размрда и населението и институциите“, велат од МКЦ Битола.

Златен сертификат за волонтерство во 2019 година се доделува и на Ротари клубот Битола Широк Сокак за волонтерската акција „Да засадиме иднина – 50.000 садници за Битола“.

„Акцијата која се реализираше во месец ноември успеа да мобилизира над 700 граѓани од Битола, како и претставници од бизнис секторот, локалната самоуправа и локалните јавни претпријатија, невладини организации, училишта, јавни установи и други субјекти.

50.000 садници беа посадени на површина од 30 хектари од неуморните волонтери на локацијата Бел Камен с. Ротино во близина на Битола, со што се даде огромен придонес за обновување на белите дробови на градот и намалување на последиците од аерозагадувањето. Акцијата продолжува напролет во 2020 година со засадување на нови 50.000 садници“, додаваат од МКЦ Битола.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Македонија2025 доделува шест стипендии за кариерно усовршување на извршни директори и менаџери во САД

Редакција

„Нема струја за електричниот стол“ од Александар Секулов, во режија на Дејан Пројковски, премиерно во Народниот театар „Јордан Х.К. – Џинот“ Велес

Редакција

НЛБ Банка со промотивна кампања за кредитите до крајот на годината

Редакција