еМагазин
Image default
Бизнис

Не постои застој при влез на македонските камиони во Руската федерација

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска имал работен состанок со амбасадорот на Руската федерација, Сергеј  Баздникин, на кој што главна тема биле последните информации за извозот на македонските земјоделско-прехранбени производи во Русија.

И покрај шпекулациите на одредени медиуми дека македонските камиони не можат да влезат на рускиот пазар поради промената на името, според официјалните податоци од руските надлежни институции и од надлежните институции на земјава, не постои застој при влез на македонските камиони во Руската федерација.

Според последните податоци од Државниот инспекторат за земјоделство, сите компании/извозници од земјава, кои подигнале фитосанитарни сертификати со новото уставно име Република Северна Македонија, без никаков проблем ги поминале граничните премини кон Русија, со што е овозможен непречен влез на камионите и пласман на македонските земјоделско-прехранбени производи на рускиот пазар.

Ова го потврдил и рускиот амбасадор Баздникин, кој на состанокот децидно посочил, дека од руска страна не постои ниту официјално известување, ниту било каква друга пречка за влез на македонските камиони во Русија, поради промената на уставното име на државата.

Во изминативе пет дена во Русија се влезени шест македонски фирми/извозници кои во оваа земја извезуваат градинарски производи и овошје.

Руската федерација е значаен економски партнер на Македонија, а последните податоци покажуваат пораст на извозот во Русија.

Трговската размена помеѓу двете земји во делот на земјоделско-прехранбените производи, во првиот месец од оваа година споредено со истиот месец 2018 година е зголемен за 90%, и изнесува 1,6 милиони евра. Зголемениот извоз се должи пред се на извозот на јаболки во количина од 3.145 тони во вредност од 1,2 милиони евра.

Вкупниот извоз за истиот период во Руската федерација е зголемен за 41 отсто.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Народна банка очекува пораст на БДП од 3,5 отсто

Никола Осило

ЕСМ бара бравари, инженери, ракувачи на машини во термоелектрани, електро и машински монтери

Редакција

Сашо Давитковски ја намали сопственоста во „Скопски пазар“ на 10,64 отсто од вкупниот број акции

Никола Осило