Над 70 воени возила како донација, најави денеска норвешкиот министер за одбрана, Бјорн Арилд Грам, на заедничката прес-конференција во Скопје со министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
На прес-конференцијата тој говореше за досегашната соработка во сферата на одбрана меѓу двете земји, но и за она што може понатаму да се стори. Истакна дека Македонија и Норвешка одбележуваат 30 годишнина од, како што ги окарактеризира, силни и позитивни дипломатски односи, а врските меѓу двете земји, дополнително се зајакнале со приемот на Македонија во НАТО.
-Да и соопштам на мојата колешка, министерката Петровска дека Норвешка им донира на вооружените сили на Северна Македонија повеќе од 70 воени возила. Норвешка исто така поддржа неколку програми во одбранбениот сектор за унапредување на родовите прашања, за проект за борба против корупцијата, интегритетот во одбраната.
Очекуваме да ја продолжиме оваа соработка и во соработката со инженерскиот баталјон, како и во однос на зимската обука, алпинистичка обука. Исто така сме дел од балканските медицински воени сили.
И разговаравме уште повеќе да ги интегрираме, да ја зајакнеме соработка помеѓу нашите сили во регионот, нагласи норвешкиот министер на прес-конференцијата во Министерството за одбрана.
Грам истакна дека денеска со Петровска меѓудругото разговарале и за главните предизвици на безбедносната политика со кои се соочува Европа во моментов.
Прашањето за активностите на НАТО биле високо на агендата на средбата во Скопје, а како што посочи Грам, тој и Петровска се согласиле дека рускиот напад врз Украина мора да биде дочекан со осуда.
-Војната во Украина би можела да се одоговлекува и од суштинско значење е да останеме обединети и да продолжиме со нашата силна поддршка на Украина во нивната борба, рече норвешкиот министер.
Петровска оцени дека изминатиот период двете држави имале конструктивна и плодна соработка, со реални и опипливи резултати. Таа се заблагодари за поддршката, која Норвешка ја планира за оваа година, вклучувајќи ги и борбените и неборбените возила, кои се очекуваат следниот период, но исто така и со учеството за проекти за развој на Криволак и специфичната опрема со која ќе продолжи развивањето на Армијата.
-Областите со кои соработуваме со заеднички обуки и експертски разговори се за градење на нашите капацитети особено во контекст на целите на способности на НАТО, како и воена медицинската поддршка. Норвешка е земја партнер во рамките на балканските медицински сили, чие постојано седиште е во Северна Македонија и навистина ја цениме вашата поддршка на оваа иницијатива.
Не така одамна за време на ковид кризата навистина многу ни помогнавте и ако вистинските пријатели се гледаат во најголемите кризи, со право Норвешка може да ја наречеме посветен и докажан пријател на Северна Македонија.
Со ваша поддршка го означувам проектот со кој заедно го градиме интегритетот на министерствата, како еден од круцијалните програми, а истовремено го изградивме и Регионалниот центар за односи со јавност, кој во моментов е во фаза на инклузивен развој да прерасне во НАТО школа за односи со јавност. Тоа е центар од кој придобивка ќе имаат и Северна Македонија и Норвешка и останатите НАТО сојузници, истакна министерката Петровска.
Таа потсети дека Македонија постојано инвестира во одбраната и оти е планирано следната година да го достигне сега минилниот праг од два проценти од БДП за одбранбениот буџетот, од кој над 30 отсто ќе бидат наменети за модернизација на силите.
МИА/Фото: MO