еМагазин
Image default
Македонија

Нова средба за Законот за ЈО, опозицијата не отстапува од барањата

Нова средба во поширок формат ќе се одржи денеска за надминување на разликите околу Законот за Јавно обвинителство.

Според најавите, првин ќе се одржат поединечни средби, а по нив и заедничка средба на работната група составена од претставници на парламенарните партии и експерти, во обид да се усогласи верзија на Предлог-закон, која подоцна ќе се поднесе во Собранието.

По средбата на работната група во петокот завчера некои пратенички групи доставиле амандмани за Законот за јавно обвинителство, а некои замолиле за дополнително време за да ги формулираат заради обврските што ги имаа со Жан Моне дијалогот.

Заради доверба на процесот, од Министерството за правда рекоа дека нема да откриваат кои пратенички групи доставиле амандмани.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од барањата за Законот за ЈО, откако во петокот го повикаа Министерството за правда да организира средба со правните експерти кои дале забелешки на јавната расправа и заедно со нив да направат амандмани на предлог-законот.

– Не постои никаква шанса да отстапиме од нашите барања во однос на Законот за јавно обвинителство, порача вчера генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во врска со тоа дали партијата поднела амандмани и дали планира да поднесе.

Во врска со повикот на партискиот лидер Христијан Мицкоски до Министерството за правда да ги прифати сите забелешки на експертите кои учествувале во јавната расправа, Јанушев забалежа дека министерката Рената Дескока стои наспроти цела правна фела.

-Впрочем се она што го кажаа експертите професорите од Правен факултет и сите оние кој што се на некој начин поврзани или затекнати со Законот за Јавно обвинителство го говорат истото, само Рената Дескоска го говори спротивното, додаде тој.

За тоа дали ќе се донесе законот пред изборите, Јанушев вели дека според партијата секако дека треба да се донесе, но не онаков, каков што го предлага СДСМ.

Вчера и министерката Рената Дескоска му порача на ВМРО-ДПМНЕ дека ако мислат дека има потреба од измени на текстот на законот, да се посветат на подготовка на амандмани. Само така, вели, ќе покажат дека се подготвени да ги стават интересите на евроинтеграцијата пред личните интереси на обвинетите и осомничените криминалци од нивните редови.

На петочната, втора средба на работната група во поширок формат со претставници на политичките партии и пратеничките групи од Собранието, се разговараше за амандманите за подобрување на законскиот текст по дводневната експертска јавна расправа за законот.

Останува отворено прашањето дали партиите ќе успеат да ги усогласат ставовите за да може Парламентот да го донесе законот до распуштањето на Собранието. Според претседателот на Парламентот Талат Џафери, има деловничка можност Предлог-законот да биде веднаш ставен на собраниска седница доколку текстот биде усогласен.

На неопходноста од донесување на законот за ЈО изминатите денови укажуваа и внатрешните политички фактори, но и меѓународната заедница.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

МВР изрече 306 казни за неносење маска

Редакција

Столтенберг: Македонија може да стане членка во 2019, ако го прифати договорот од Преспа

Редакција

Целосна забрана за движење во Куманово од вечер во 21 до понеделник во 05 часот

Редакција