еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Обвинителството ги офрли кривичните против поранешниот директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми

Постапувајќи по двете кривични пријави против поранешниот директор на Управата за финансиска полиција (УФП), Арафат Муареми и вработени службеници во Управата, јавниот обвинител врз основа на прибраните вербални и материјални докази утврди дека во однос на двете кривични пријави не постои основано сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела или друго кривично дело кое се гони по службена должност, информираат од Јавното обвинителство (ЈОРСМ).

– Имено, во анонимната кривична пријава поднесена од група граѓани на ден 3 мај 2023 година до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) се изнесени наводи дека УФП не постапувала по анонимните пријави и оформените предмети биле затворани без да биде известено надлежното обвинителство.

Врз основа на наводите во кривичната пријава, на 18 јули 2022 година согласно чл. 287 став 1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка, до УФП е доставено барање со рок од 10 дена за доставување податоци за бројот на примени анонимни кривични пријави од 2018 година до денот на доставување на одговорот и нивното евидентирање во уписниците на УФП, причините за нивно евентуално неевидентирање, како и фазата во која се наоѓаат овие пријави и дејствијата што УФП ги преземало по однос на нив, соопшти државното Јавно обвинителство.

Истиот ден врз основа на наредба за претрес издадена од Основниот кривичен суд Скопје, посочува ЈОРСМ, на барање на Обвинителството е извршен претрес на просториите на УФП, како и претрес на лице – поранешниот директор на УФП.

– Истражители од Истражниот центар во ОЈО ГОКК и полициски службеници извршија увид во документацијата на УФП, односно во уписниците за наведениот период при што е утврден бројот на анонимните кривични пријави. По насока на јавниот обвинител е побарано овие предмети да се достават на увид, како би се утврдил начинот на евиденција и постапување.

Со потврда за привремено одземање на денот на претресот се обезбедени 35 предмети, воедно од поранешниот директор се одземени подвижни предмети – едно УСБ и еден персонален компјутер.

Подоцна, со допис од 9 септември 2022 година од УФП дополнително се доставени 380 предмети, наведува Обвинителството.

Предметот на 21 септември 2022 година е презаведен во уписникот РОПС, односно со сите дотогаш прибрани списи е отстапен на надлежност на Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Наредниот ден, предметниот јавен обвинител до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика издаде наредба за вештачење на одземените електронски уреди.

Истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК, се наведува во соопштението, извршија увид во документацијата на сите 415 предмети и констатираа дека дел од предметите, иако се по пријави од 2018, 2019 и 2020 година, сѐ уште се водат како предмети во работа, а поголем дел од предметите се препратени на надлежно постапување во други инспекторати, МВР и други институции.

Во предметите што биле затворени е содржана службена белешка од која може да се утврди на кој начин предметот е затворен или препратен во друга институција.

– Од сето погоре наведено, предметниот обвинител утврди наводите во пријавата дека УФП не преземала соодветни дејствија по предметите и не ги известувала надлежните јавни обвинителства и другите засегнати институции не соодветствуваат со фактичката состојба.

Во однос на наводите во анонимната кривична пријава и фактот дека наредбата за претрес на лице е барана поради постоење  основи на сомневање дека поранешниот директор сторил кривично дело

Примање награда за противзаконито влијание, предмет на анализа на обвинителството беа токму овие наводи во корелација со прибавените докази во текот на предистражната постапка.

Од доставеното вештачење и анализа на содржината на одземената компјутерска опрема е утврдено дека документите и компјутерските податоци немаат поврзаност со конкретниот предмет.

Така, од собраните докази и деталното разгледување на сите анонимни пријави, не произлезе основано сомневање дека пријавениот со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал или на друг начин влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши, а за посредувањето да примил награда или друга корист, информира Обвинителството.

Со оглед дека од увидот во самите предмети обвинителството не може да утврди основи на сомнение дека обработувачите на предметите при преземање или непреземање на службени дејствија сториле кривично дело што се гони по службена должност, до УФП достави известување со кое ја задолжи УФП да изврши анализа на констатираните состојби во службената белешка и извештајот со цел дополнително да истражи.

Доколку се констатира дека некој од инспекторите или поранешниот директор сториле кривично дело што се гони по службена должност, да го извести Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција при ОЈО ГОКК.

Воедно, предметниот обвинител донесе решение и за кривичната пријава поднесена од физичко лице против поранешниот директор на УФП и инспектор во УФП, за сторени кривични дела Злоупотреба на службена положба и овластување, Малтретирање во вршење на службата, Насилство и Примање поткуп. Во врска со наводите во пријавата, јавниот обвинител во текот на предистражната постапка достави барање до повеќе органи и институции и ги сослуша оштетениот, пријавените и шеснаесет сведоци.

Со цел да утврди дали пријавените со своите дејствија оствариле битие на кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, јавниот обвинител од ОЈОГОКК презеде низа дејствија, меѓу кои достави барања за доставување податоци до Општина Дебар, барање за увид во предметот оформен во Управен суд и барање до УФП за добивање на предмет оформен по анонимна пријава која се однесува на легализација на бесправно изграден објект на лицето што ја поднело кривичната пријава до ОЈОГОКК.

-Од прибраните писмени докази и вербални искази, јавниот обвинител утврди дека не постои основано сомнение што упатува дека пријавените ја искористиле својата моќ како вработени во УФП и откако оштетениот не им дал пари, започнале да водат постапки за поништување на легализацијата на неговиот објект.

Прибраните докази упатуваат на тоа дека пријавените постапувале во рамки на нивните законски овластувања по поднесена анонимна пријава до УФП и имале за цел да утврдат дали е сторено кривично дело што се гони по службена должност, а чие откривање и документирање е во надлежност на УФП.

Управната постапка за поништување на решението за легализација за која станува збор во пријавата е во надлежност на Управниот суд и истата сѐ уште не е завршена, се наведува во соопштението.

ЈОРСМ соопшти и дека во однос на наводите дека пријавените сториле кривично дело Примање поткуп, пријавениот инспектор во својата одбрана ги негираше тврдењата опишани во кривичната пријава и тие  се потврдени со анализа на телефонската комуникација и движење по базни станици на телефонските броеви на пријавениот и пријавителот. Притоа е утврдено дека за период од една година, двата телефонски броја не се регистрирани на исти или приближно исти базни станици што упатува на заклучокот дека исказот на пријавителот не може да се потврди.

– Исказите на сведоците, вработени во Општина Дебар не ги потврдија наводите на оштетениот дека пријавените ги извршиле кривичните дела Малтретирање во вршење на служба и Насилство за кои тој тврди дека биле преземани кон него и кон вработените во Општина Дебар.

Притоа, пријавениот поранешен директор на УФП не е споменат од ниту еден сведок, а оштетениот со ниту еден доказ не ги поткрепи тврдењата дека лица од Косово и Албанија му се јавувале во врска со овој предмет, ниту пак поврзаноста на наводните јавувања со пријавените, соопшти Јавното обвинителство.

Врз основа на анализа на сите расположливи докази, предметниот јавен обвинител донесе решение со кое ја отфрли кривичната пријава бидејќи не постои основано сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела за кои се пријавени или друго кривично дело што се гони по службена должност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Медена тура: Воодушевени од Атиџе, велосипедисти возеа до нејзиното село Бекирлија

Редакција

„Дојче веле“: ЕУ повторно ќе ја стави Македонија на „црната листа“ за патување

Редакција

Македонија повторно повлекува струја од европската мрежа

Редакција