еМагазин
Image default
Македонија

Обвинителството ќе ги испрашува „другарите“ на Груевски од Будимпешта

Додека Основното јавно обвинителство најавува дека за две недели ќе ги добие првичните информации за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, а Министерството за правда го чека одговорот од барањето за екстрадиција, вчера во јавноста излезе новинарска видео снимка каде се гледа како Груевски слободно се шета и посетува ресторани во Будимпешта.

Груевски пред еден месец избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Со помош на унгарски дипломати, преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија, каде што побара и доби политички азил.

Обвинителката Вилма Рускоска информираше дека во наредните две недели ќе излезат со информации за резултатите од предистражната постапка за бегството на Груевски и начинот на кој ја напуштил земјава.

„Добивме информација од колегите од Црна Гора дека ги прибрале сите снимки кои ни се потребни и во понеделник или вторник ќе одиме да ги преземеме. Колегата вчера ургираше во Албанија да ни се достават што поскоро материјалите што тие ги имаат“, изјави Рускоска.

Таа најави и испрашување на лица кои се видени со него на видеа или фотографии кои се објавени од Будимпешта како онаа на новинарот на британски „Гардијан“ од пред неколку дена.

Во врска со барањето за екстрадиција на Груевски, министерката за правда Рената Дескоска рече дека засега немаат ништо ново од Будимпешта но и дека роковите за одговор не се изминати.

„Ние се уште немаме добиено ништо од Унгарија во поглед на нашето барање за екстрадиција. Сепак, оние пристојни рокови не се изминати. Ќе чекаме одредено време и доколку после тоа не добиеме одговор ќе испратиме ургенција“, рече Дескоска.

Портпаролот на унгарската Влада, Золтан Ковач, на прес-конференција во Брисел повтори дека сите процедури околу азилот на експремиерот Груевски се во согласност со меѓународното право и правила. Тој рече дека Груевски добил „фер процес“ како било кој друг кој побарал азил во Унгарија. Според него, неговата земја ги следела сите меѓународни правила во согласност со меѓународните стандарди.

Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и побараа тој да биде екстрадиран во Македонија.

Груевски е обвинет во неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство, за што Собранието му го одзеде имунитетот, а за дел од нив во отсуство му е одреден и притвор.

МИА/Фото:Фејсбук/Никола Груевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Твитер „полуде“ за новото видео со Груевски: „Украде милијарда за да јаде во Унгарија“

Додека јавноста чека информации за неговото бегство, Груевски стана „ѕвезда„

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Габриел Бајрам призна вина за насилство и доби казна затвор од три месеци

Редакција

Ковид болни и меѓу медицинскиот персонал во Клиничка болница Тетово

Редакција

Интерното одделение во Дебар се трансформира во инфективно за лекување пациенти со Ковид-19

Редакција