еМагазин
Image default
Бизнис

Од антракс во Кичевско угинаа неколку животни, заразени луѓе нема

Сите потребни мерки за справување со болеста антракс во селото Долно Строгомиште во Кичевско се преземени. Засега болеста е детектирана само кај едно одледувалиште, а соседните се ставени под надзор на официјален ветеринар. Нови случаи на појава на болеста кај добитокот нема, а нема и заболени луѓе од антракс, регираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) по прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ претходно информираа дека постојат сериозни сомнежи дека кај добитокот во делови од земјава се појавила заразната болест антракс, зоонозна болест која многу лесно може да се пренесе од животно на човек.

Од партијата тврдат дека две недели се молчело дека примерок на угината овца е донесен за испитување на Ветеринарниот факултет, каде е детектирана болеста антракс, а 30-ина вработени на Факултетот за ветеринарна медицина ја посетиле инфективната клиника во Скопје и се моментално под терапија.

“Агенцијата за храна и ветеринарство е одговорна институција, болеста за која денес ВМРО – ДПМНЕ непотребно создава паника не е новост во нашата земја и за неа согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните се врши превентивна вакцинација во дистриктите (места каде се преземаат посебни мерки за сузбивање и искоренување на оваа болест со задолжителна вакцинација на животните во наредните 20 години).

Во последните десет години болеста антракс е дијагностицирана во државата во 2009 година во Велес и 2015 година во село Раович, Сарај, наведуваат од АХВ.

Појаснуваат дека во селото Долно Строгомиште во Кичевско се преземени неопходните мерки. Угинатите животни под надзор на официјален ветеринар се спалени и нештетно отстранети, во фармата е извршено темелно чистење и дезинфекција. Донесена е и забрана за влез и излез на животни од и во одгледувалиштето.

“Болеста е детектирана само кај едно одгледувалиште. Соседните одгледувалишта се ставени под надзор на официјален ветеринар. Нови случаеви на појава на болеста кај добитокот нема“, стои во соопштението.

Информираат дека одржан е итен соостанок на Комисијата за заразни болсети при Министерството за здравство, спроведени се и епидемиолошко испитување за утврдување на можниот извор на заразата, а се врши и едукација на населението од ова населено место.

Исто така, се спроведува интерна постапка за утврдување на почитување на пропишаните процедури во случај на појава на зоонозни болести кај животните.

Од АХВ истакнуваат дека наредена е мерка спроведување на вакцинација кај добитокот против болеста Антракс во оваа населено место.

“Како одговорна институција, апелираме ваквите состојби да не се злоупотребуваат и користат во политички цели, непотребно да не се манипулира и злоупотребува народот, туку да се верува на институциите кои се грижат за заштита и на здравјето на граѓаните и на животните“, велат од Агенцијата.

Ветеринарниот факултет со потврда за антракс, нема заболени меѓу нивните вработени

Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје потврди за позитивен резултат на антракс и информира дека се преземаат сите потребни мерки за превенција и се постапува високо стручно по најсовремени безбедносни протоколи.

Согласно законските прописи, Факултетот ги известил Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за здравство, Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Центарот за јавно здравје – Скопје.

„Факултетот во консултација со Универзитетската клиника за инфективни болести и по нивна препорака, а согласно утврдените протоколи за профилактички третман во случај на потенцијална изложеност на антракс, кај вработените кои биле изложени на контакт со мострата е индицирана профилакса“, стои во соопштението.

Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, како што наведуваат во соопштението, нема вработени лица заболени од антракс.

Министерство за здравство: Нема заболени граѓани од антракс

Министерството за здравство во однос на информациите дека кај добитокот во делови од државава се појавила заразата антракс, соопшти дека нема заболени граѓани од антракс.

Ситуацијата внимателно се следи и се постапува високо стручно по најсовремени светски протоколи. Преземени се сите потребни мерки за превенција со профилакса од антракс, стои во соопштението на Министерството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Инфлацијата во Македонија ќе се намалува, прогнозира агенцијата „Фич“

Редакција

Гасоводот од Грција кон Македонија ќе биде завршен во 2025

Редакција

ТЕ-ТО го доби тендерот на „Балкан енерџи“ за набавка на природен гас вреден 21,6 милиони евра

Редакција