Фармацевтска комора на Македонија со огромна болка и тага соопштува дека на 27. мај починал нивниот колега дипломиран фармацевт Петар Мојсоски од с. Подгорци, Струга.
„За жал, извршувајќи ги своите професионални должности, пружајќи здравствена заштита, на своето работно место, во аптека, се зарази од вирусот SARS-CoV-2. Болеста го совлада и ја загуби битката со неа на Инфективната клиника во Скопје.
Петар Мојсоски е првиот здравствен работник кој почина од Ковид -19. Фармацевтите и фармацевтските техничари кои работат во аптеките се на првата линија во лекувањето на сите пациентите без разлика на нивните заболувања и здравствени состојби.
Во состојба на пандемија кога потребата за посета на аптеките е поголема изложеноста на здравствените работници е зголемена, а со тоа и ризикот за заболување,“ се вели во соопштението на Фармацевтската комора.
Од таму апелираат дека почитувањето на мерките за заштита се од огромна важност и за намалување на можноста за заболување и на можноста за ширење на болеста.
„Се замолуваат пациентите и покрај олабавувањето на мерките, да ги почитуваат и понатаму мерките за заштита при посета на аптека. Препораките се објавени на веб страната на Фармацевта комора www.fk.mk.
Потребни се координирани чекори со Министерството за здравство и другите здравствени установи и работници во понатамошниот развој на настаните поврзани со преземање на мерки за заштита и ширење на болеста.
Ја истакнуваме потребата од поголема вклученост на Министерството за здравство во донесувањето на понатамошните мерки и препораки за работа на аптеките и здравствените работници кои работат во нив“, додаваат од таму.
Петар Мојсоски основно образование завршил во родното место, а средно образование – гимназија во Струга. Своето образование го продолжува на Фармацевтскиот факултет во Скопје.
„Стручните знаења како и љубовта кон природата ги користи во интерес на науката и публикацијата. Уште за време на студирањето објавува научни трудови од областа на лековитите растенија и нивната употреба.
Во 2005 година ја објавува својата прва книга „Лековити растенија на планината Јабланица“, во 2008 „Природни антибиотици“ и во 2009 „Отровни билки“. Петар Мојсоски целата своја кариера ја посветува на пациентите работејќи во аптека најдолго во родното Подгорци како и во други места.
Најважна грижа му беа пациентите и нивното здравје,“ се додава во соопштението од Фармацевтска комора.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Од корона вирусот починаа тројца пациенти, вкупната бројка изнесува 122
Нови 38 случаи на заболени од корона вирусот, од кои 24 во Скопје
Убава вест: Оздравени уште 16 нови пациенти од корона вирусот, вкупната бројка е 1.486