еМагазин
Image default
Македонија

Одбиено барањето за изземање на судијата Милева, одбраната на Груевски побара изземање и за претседателката на судечкиот совет

Претседателката на судечкиот совет на Апелацискиот суд, кој одлучува по жалбата на пресудата за случајот „Тенк“, Цветанка Периќ, по паузата информира дека не се прифаќа и третото барање поднесено од адвокатот Стерјо Зиков за изземање на судијата известител Тања Милева.

Адвокатот Зиков по ова поднесе усно барање за изземање и на претседателката на судечкиот совет Цветанка Периќ, по што таа повторно даде пауза од половина час.

Според Зиков, судијката Периќ не е соодветна оти против нејзе во Судскиот совет има постапка за утврдување одговорност за една судска одлука.

– Бараме изземање за Периќ, бидејќи против нејзе во Судскиот совет почната е постапка за утврдување на одговорност за една судска одлука за која сметаме дека е целосно незаконска. Сметам дека оваа постапка делува на судијката Периќ и ја чини оштетена. Ова својство на оштетена го поврзувам со овој предмет бидејќи сметаме дека постапката ќе има влијание во одлуката на претседателката на судечкиот совет, рече Зиков

Тој во име на отсутните адвокати на Никола Груевски побара да се одложи седницата за понеделник оти тогаш адвокатите на Груевски немаат судења.

Судечкиот совет не го прифати барање за одложување, бидејќи како што рече судијката Периќ, исполнети се условите јавната седница да продолжи.

Периќ го праша Зиков да каже дали имаат уште некое барање за изземање, бидејќи, како што додаде, ќе смета дека неговите постапки се непочитување на судот. Зиков и одговори дека немаат веќе барања за изземање на судии. По ова јавната седница беше прекината и ќе продолжи по паузата од половина час.

Претходно одбиени беа барањата за изземање на судечкиот совет и на в.д. претседателката на Апелација Лидија Димчевска, што ги поднесе одбраната на осудените во „Тенк“, Никола Груевски и Ѓоко Поповски.  

За случајот „Тенк“, поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор, а поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор.

МИА/фото: Фејсбук/Груевски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

По една недела молк со фотографии со американската амбасадорка се огласи Мерко

Редакција

Некои се дури речиси шест пати над просекот: Драстично зголемени нивоата на реките

Редакција

Градежен работник е новиот позитивен на корона вирусот во Кавадарци

Редакција