еМагазин
Image default
Убава приказна

ОХО продукција-македонските иноватори

OXO продукција – македонски „треилблејзери“, ваква беше најавата за гостувањето на Пеце Талески, продуцент и директор на ОХО, на панелот во рамките на неодамна одржаниот втор по ред Форум за медумски информации во Скопје.

За да те наречат trailblazer, треба прв да ја изодиш планината и да направиш патека која другите ќе можат да ја следат. На некој начин откриваш и се бориш со непознатото, но знаеш дека зад себе оставаш нешто како учебник за сите што доаѓаат. Како? Со труд. Едноставно, постојано си повторуваш дека можеш и не отстапуваш.

Ова, меѓудругото, го слушнавме на панелот во хотел „Хилтон“ додека Талески зборуваше за пионерството во македонската продукција и за препреките со кои се соочувале низ времето, полнејќи го етерот со богати видео содржини со кои конечно нашата публика може да се пофали.

Талески работи storytelling во медиумскиот простор во Македонија повеќе од 20 години. Тој вели дека кога продуцираш за медиуми, сѐ е платформа и не може проекти како „Преспав“ или „5+“ да бидат третирани само како телевизиска серија. Едноставно, самиот проект во својата суштина е таков што влече со себе и музика, и театар, и перформанси, и маркетинг кампањи, итн.

А, сѐ почнало од потребата да се задоволи празен медиумски простор. Како што и самиот посведочи, „5+“ го наоѓа својот зародиш во најсебичната родителска потреба да поминува квалитетно време со своето дете, или како што било во неговиот случај – да гледа телевизија со неговата прва ќерка, кога сфатил дека нема што да гледаат заедно, и тоа да е на македонски јазик.

„Ако знаеш дека го нема тоа што го бараш, тоа што ти треба, тоа значи дека ти си повикан истото да го створиш.“

Оттука, „5+“ и воопшто, ОХО како продукција, заедно растеа и созреваа од месец во месец, од година во година, за денес зад себе да имаат над 12 години континуирано медиумско присуство во македонскиот етер, со продуцирани над 30.000 часа видео содржина, повеќе од 50 песни и 120 концерти на 5+ Бендот, сликовници, анимирани филмови, книги, обуки за наставен кадар, помошни показни материјали итн – сето ова во паралелна продукција се случува и на албански јазик.

На истиот панел,  домаќинот и водител Жарко Димитриоски ја допре и најчесто зборуваната тема поврзана со продукциите, а тоа се финансиите и финансиските извори. Но, Талески тука останува дециден:

„Има премногу мистификација кога се работи за продукција и пари. Парите не се секогаш гаранција дека тоа што ќе го направиш ќе биде добро.“

Сепак, обезбедени и сигурни финансии помагаат процесот да помине полесно за сите инволвирани. Во услови на тесни буцети, оваа продукција се фокусира на зголемување на ефикасноста и на нудење иновативни решенија за работните процеси.

Талески вели дека тие го пронашле клучот во преобмислување на процесите и механизмите за работа – од пишувањето сценарија, па сѐ до самото снимање – работат според точно определени модуси и рокови, дотолку повеќе што вака успеале да постигнат 3 до 4 пати поголема ефикасност од продукциите во регионот, снимајќи по 1 до 2 епизоди дневно.

Се разбира, ова е возможно само со темелни подготовки, детално планирање, добро мотивиран и посветен тим, но и продуцент подготвен да интервенира кога е потребно.

Очекувањата за локалната продукција може само да бидат поголеми поради драматичните промени на глобалните пазари, залетот на стриминг-платформите и огромната отвореност и достапност на содржини за сите профили на гледачи.

Според Талески, иднината тука ќе биде во голем дел дефинирана и од МТВ како национален сервис, кој ќе ја насочи продукцијата благодарение на искусниот тим, големината и значајноста на квалитетен национален сервис, како носител на промените во оваа сфера.

ОХО најави почеток на новата, петта сезона на „5+ Фамилија“ за октомври, а веќе во декември на малите екрани ќе може да се гледа и новата четврта сезона на „Преспав“, но и нови концерти и настапи на 5+ Бендот.

Media Innovation Forum се одржува веќе втора година по ред, како централно случување од областа на медиумите и медиумската продукција – како во Македонија, така и во целиот регион.

Прв од ваков вид во земјава, форумот е така програмиран што ќе претставува линк помеѓу „кремот“ на македонската индустрија и потенцијални донатори, регионални партнери и маркетинг купувачи. Форумот за медиумски иновации го организира маркетинг агенцијата Еден на еден, во соработка со Пикаса и ИАБ Македонија, а поддржано од УСАИД Македонија.

КОМЕРЦИЈАЛНА ОБЈАВА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„М Кар“ одбележува 5 години успешна приказна на увозник и диструбутер на брендовите BMW и MINI

Редакција

Професионалци за совршен комфорт

Редакција

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 40 нови стипендии за учебната 2022/2023

Редакција