еМагазин
Image default
Бизнис

Охрид СОС алармира: Јавноста не е запознаена со новиот предлог-закон за легализација на дивоградби

Охрид СОС на нивната фејсбук-страница, но и до Министерство за транспорт и врски регира во врска со новиот предлог-закон за легализација на дивоградби кој се очекува да се усвои до крајот на годинава.

Од таму велат дека јавноста е целосно отсечена и целосно ѝ е одземено правото да учествува во процесот на усвојување на еден од најштетните закони во Македонија. Затоа, бараат веднаш да биде јавно објавен новиот предлог-текст.

Нивната реакција ја пренесуваме во целост:

„Во вторник (10 декември) на седница на Влада ќе биде разгледан новиот Предлог-закон за легализација на дивоградби кој се очекува да се усвои до крајот на годинава (?!)

Последната достапна верзија од измена и дополна на законот е од 25 октомври 2019 година каде што освен енормно намалување на глобите за прекршување на законот, нема никакви посебни измени, особено не поврзани со Охридскиот регион! Тоа значи дека новиот Предлог-закон воопшто не е ни поставен на ЕНЕР!

Јавноста е целосно отсечена и целосно ѝ е одземено правото да учествува во процесот на усвојување на еден од најштетните закони во Македонија! Затоа, бараме веднаш да биде јавно објавен новиот предлог-текст!

Го предупредуваме Министерство за транспорт и врски (МТВ) дека доколку предложи носење на законот по итна постапка во Собрание ќе го прекрши член 170 од Деловникот на Собранието на РМ имајќи ја предвид комплексноста на законот и последиците кои би можеле да произлезат од неговото спроведување.

Прашуваме, колку градежни инспектори (и општински и државни) во моментов имаат надлежност над Охридскиот регион и на кој начин се определува нивниот број? Имајќи ја предвид исклучителната вредност на Регионот, бараме зголемување на бројот на градежни инспектори што активно работат на терен во корист на јавниот интерес и во служба на законите со цел бесправното градење да се сузбие наместо да се озаконува.

Во продолжение само три клучни од низата дилеми поврзани со нетранспарентниот процес на усвојување на законот:

1. Ако овој закон нема да важи за Охридскиот регион, тогаш кој закон ќе важи?

2. Како ќе се третираат новоподнесените барања за легализација во Охридскиот регион од 01.01.2019 година имајќи предвид дека со актуелниот закон се опфатени само барањата до 31.12.2018 година?

3. Охридскиот УНЕСКО регион се протега на територија на три општини, но не ги зафаќа во целост. Како ќе се регулира легализацијата во овие општини во деловите надвор од УНЕСКО Регионот без да настане хаос поради грешки и/или манипулации?“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Министерството за здравство го распиша тендерот за изградба на нов Клинички центар

Редакција

Прогноза на Европската комисија: Економијата на Македонија годинава со раст од 3,7%

Редакција

Трим Ќемали именуван за член на Надзорниот одбор на ТТК Банка

Редакција