еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Околу 30 проценти од граѓаните ја одбија понудата на банките да одложат плаќање на кредити

Помеѓу 30 и 40 отсто од граѓаните не ја прифаќаат понудата на банките за одложување на плаќањето на обврските. Кај некои банки веќе рокот за пријавување заврши, кај некои треба да заврши деновиве и следната недела треба да се има конкретнтно, колку од клиентите не ја прифатиле можноста за одолжување на обврските по кредитите.

Банките на своите веб-страници објавија јавна понуда со услови за одложување на плаќањата на обврските по кредитите, кредитни картички и слично.

Физичките лица, според објавата, требаше електронски или писмено, а во некои банки и телефонски, да ја информираат банката во зададениот рок, најчесто од 10 дена, доколку не ја прифаќаат понудата. Доколку не ја известат банката, понудата ќе се примени по автоматизам.

Од Комерцијална банка за МИА посочија дека рокот за одбивање на јавната понуда истекол на 9 април и дека 30 отсто од корисниците на кредит ја одбиле понудата.

„Одбивањето на понудата се одвиваше доминантно по електронски пат, преку електронски образец кој Банката го разви специјално за оваа намена и по истата, 30 отсто од корисниците на кредит ја одбија понудата во превдидениот рок, со што нивната отплата на обврските по кредитите продолжува без промени,“ појаснуваат од Комерцијална банка.

Од Охридска банка за МИА велат дека рокот сè уште не е истечен, и дека ги немаат конкретните податоци, но оти очекуваат меѓу 30 и 40 проценти од корисниците на кредити да ја одбијат понудата.

– Во Охридска банка заклучно со вчерашниот ден се одвива процес на прибирање информации од клиентите за одбивање на понудата за одложување на наплатата на кредитните обврски за шест месеци, објавена на веб-страницата на Банката.

Од досегашниот одѕив, сметаме дека бројот на клиенти кои ќе ја одбијат понудата, односно ќе продолжат со редовно сервисирање на своите обврски би изнесувал околу 30-40 отсто од вкупниот број клиенти – физички лица кои користат кредитни производи од Банката, наведуваат од Охридска банка.

Оттаму додаваат дека во однос на типот производи за кои клиентите – физички лица ја прифаќаат и одбиваат понудата, може да се каже дека е различен за секој клиент, зависно од типот производ што секој индивидуален клиент го користи.

Конкретни бројки за тоа за што најчесто барале граѓаните да им се одложат обврските од банките најавуваат откако ќе ги анализираат податоците, но наведуваат дека оние што бараат да продолжат да плаќаат се однесуваат за сите производи што ги имаат во банката.

Според објавените понуди, најголем дел банки понудија одложување на отплатата на обврските за шест месеци, односно до 30 септември 2020 година.

На граѓаните им се нудеше можност и за рефинансирање на постојните кредити, како и одобрување нови кредити со можност за користење грејс-период.

КОИ БЕА ЗАБЕЛЕШКИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ?

Она на што имаа забелешки граѓаните во однос на понудата е што банките за време на периодот за кој ја даваат можноста за одложување на плаќањето на обврската на клиентот му пресметуваат камата. Одложувањето може да го користат сите што немаат нефункционални кредити, заклучно со 29 февруари 2020 година.

Одложувањето на плаќањето на обврските се однесува на периодот од 1 април. За март ратите по кредитите граѓаните требаше редовно да ги платат.

Уредбата за олеснување на договорните услови на кредитите е донесена со цел надминување и ублажување на негативните ефекти од кризната ситуација.

Одложување на плаќањето на обврските по кредитите, покрај за физичките лица, банките понудија и кај правните лица од три до шест месеци.

ОЛЕСНУВАЊЕ ЗА КРЕДИТИ  И ОД ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА

Покрај можноста за одложување за шест месеци на обврските по кредитите во банките и штедилници, олеснување на условите добија и корисниците на кредити од финансиските друштва.

Владата донесе уредба за примена на Законот за финансиските друштва за време на вонредна состојба, која предвидува во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година физичките лица кои се корисници на кредити по договорите за кредит кои се склучени заклучно со 31 март 2020 година да ги плаќаат обврските на месечен ануитет намален за најмалку 70 отсто од редовниот месечен ануитет, а финансиските друштва не смеат да пресметуваат и наплатуваат надоместоци, трошоци, провизии и/или казнени камати.

Согласно донесената уредба на Владата предвидено е од 1 април до 30 јуни 2020 година физичките лица да плаќаат најмногу до 30 отсто од обврските по договорите за финансиски лизинг склучени заклучно со 31 март, при што рокот на плаќање на месечните ануитети, односно периодот на отплата се продолжува за најмалку 90 дена.

Дополнително, давателите на финансиски лизинг во периодот април-јуни нема да пресметуваат и наплатуваат какви било трошоци (камати, провизии).

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Соларпро Холдинг“ го доби тендерот на Градската болница „8-ми Септември“ за набавка на струја вреден 403.000 евра

Редакција

Владата нема да интервенира во унилатералната изјава за македонскиот јазик

Редакција

Милчо Манчевски сподели фотографија која го доловува „дното“ на Македонија

Редакција