еМагазин
Image default
Македонија

Отфрлена пријавата од Ременски за злоупотреба на службата и несовесно работење во МВР

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе решение за отфрлање на кривичната пријава од Фросина Ташевска-Ременски поднесена против три лица за кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување и за несовесно работење во службата.

– Пријавата првично беше поднесена против две лица, а потоа со дополнително доставен поднесок беше проширена за уште едно лице.

Во пријавата се наведува дека во периодот од 22.05.2014 година до 29.04.2015 година, првопријавената во својство министер во Министерството за внатрешни работи, со пречекорување на границите на своето овластување и спротивно на Законот за внатрешни работи, му прибавила корист на второпријавениот, кој во наведениот период бил заменик-директор на Управата за безбедност и контраразузнавање.

Имено таа овозможила и по исполнување на условите за старосна пензија, второпријавениот да остане во работен однос и месечно да прима плата. За третопријавената, помошник-министер за правни работи и човечки ресурси во Министерството се наведува дека во периодот од 22.05.2014 година до крајот на месец мај 2017 година, спротивно на закон, свесно пропуштила да го извести Министерот дека барањата за продолжување на работниот однос поднесени од второпријавениот се недозволени и сочинила решенија за продолжување на неговиот работен однос, се наведува во соопштението од јавното обвинителство.

Јавниот обвинител, постапувајќи по пријавата, со две последователни наредби од Министерството за внатрешни работи обезбедил податоци за работниот ангажман на второпријавениот, правните акти на кои се засновал, висината на паричниот износ кој месечно му бил исплаќан и други околности.

– Од материјалната документација, прилозите кон пријавата и писмените известувања обезбедени од МВР, произлезе дека првопријавената како министер за внатрешни работи на 14.04.2014 година донела решение со кое констатирала дека на 31.04.2014 година ќе настапи прекин на работниот однос на второпријавениот заменик директор на УБК поради исполнување на условите за остварување старосна пензија – 40 години пензиски стаж.

По барање поднесено од второпријавениот, одобрено од директорот на Управата, да му се дозволи да ги спроведе веќе започнатите опреативни активности под негово раководство, првопријавената на 22.05.2014 година го поништила решението, а второпријавениот на 26.08.2014 година поднел изјава за продолжување на работниот однос.

Постапувајќи по барањето, првопријавената донела решение, изготвено од третопријавената, со кое го продолжила работниот однос на второпријавениот за период од една година, заклучно со месец мај 2015 година.

Решението било донесено врз основа на Законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи кој влегол во сила на 13.08.2019 година и бил со одложена примена од 12.03.2015 година, со кој се предвидувала можност за продолжување на работниот однос до 45 години пензиски стаж, се наведува во соопштението.

На сличен начин, на 29.04.2015 година, по претходно барање од второпријавениот, првопријавената донела ново решение со кое работниот однос му го продолжила за уште една година, заклучно со мај 2016 година.

– Откако со нов акт за систематизација на работни места во Управата, второпријавениот бил прераспореден, тој поднел уште две барања врз основа на кои со решение на Министерот за внатрешни работи неговиот работен однос бил продолжен до октомври 2017 година, кога исполнил 45 години пензиски стаж и остварил право на старосна пензија.

Во периодот од ноември 2017 година до ноември 2019 година, второпријавениот и натаму бил работно ангажиран за потребите на Министерството за внатрешни работи со договор на дело, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Врз основа на ваквите податоци, како и на прибраните вербални докази, надлежниот јавен обвинител проценил дека во дејствијата на пријавените не се содржани битни обележја на наведените кривични дела.

Имено, пропустите по однос на основот за работниот ангажман на второпријавениот во Управата не се на линија на неправо во кривично-правна смисла, туку единствено можат да претставуваат неправилностпри примена на норми со кои се регулираат работните односи.

Особено што постапувањето се базирало на процена на безбедносните ризици, запазување на континуитетот на класифицирани оперативни проекти и заштита на интересите на државната безбедност.

Притоа, како што велат од Обвинителството, за првопријавената, јавниот обвинител оценил дека не може да се утврди дека дејствувала со умисла да му прибави имотна корист на второпријавениот, а на штета на Министерството.

Второпријавениот, пак, единствено истакнувал барања за продолжување на работниот однос за кои постоела можност да бидат прифатени или одбиени. Дејствијата на третопријавената се исцрпуваат со изготвување решенија, кои ги потпишувал и ги ставал во правна сила ресорниот министер.

Фото: СДСМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пожарот во кој изгоре ковид-центарот во Тетово топ тема во регионов, Србија нуди помош

Редакција

Чаир недостижен: Детален преглед на заразени со Ковид-19 по скопските општини

Редакција

МВР распиша оглас за вработување на 600 полицајци

Редакција