еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Откриена нова наколна населба кај Даљан во Охрид стара 3.000 години

Нова наколна населба досега непозната за архелошката јавност е откриена во рамки на истражувањата спроведени во третата кампања од проектот „Погранични студии-Истражување на идентитетот и културните контакти во пограничната област на Античка Македонија во регионот на Охридското Езеро“.

Како што соопштија од Археолошкиот музеј од Скопје, станува збор за палафитната населба кај месноста Даљан на брегот на Охридското Езеро. Таа потекнува од крајот на бронзеното време т.е. од пред три илјади години.

Локалитетот е откриен во рамки на истражувањата, поточно во трета фаза од поширок проект што со финансиска поддршка на Министерството за култура и Карловиот универзитет од Прага го спрведуваат Археолошкиот музеј од Скопје и Карловиот универзитет, Универзитетот на Јужна Бохемија од Чешко Будејовице, Геолошкиот истражувачки центар од Р. Чешка, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид и Музејот од Струга „д-р Никола Незлобински“.

Со истражувањата биле земени и преку сто примероци на почва, остатоци од дрва и друг органски материјал кои во рамките на проектот со модерни технологии ќе бидат направени најразлични анализи како: анализа на полен, анализа на макроостатоци, дендрологија и дендрохронологија, седиментологија, хемиска анализа на почва, датирање со изотоп C14 и биохемиски анализи.

Инаку, во првите две кампањи од проектот било спроведено рекогносцирање на населби и некрополи во Охридско-преспанскиот регион, опфаќајќи ја охридската котлина северно од езерото (Струга и Охрид) како и преспанската котлина кои хронолошки припаѓаат на периодот од Бронзеното време па сѐ до потпаѓањето на регионот под римска власт. Главната цел на геолошките истражувања се да се реконструира пејсажот, да се истражат климатските промени како и животните навики на популацијата што го населувала специфичниот Охридски езерски регион, во кој воедно се појавува и елитата што била погребана на некрополата кај Требениште.

Со откривањето на новата населба и со останатите резултати добиени со археогеолошките испитувања се добива нова слика за минатото на овој значаен крајбрежен и археолошки богат регион.

Раководители на проектот се м-р Перо Арџанлиев од НУ Археолошки музеј од Скопје, д-р Марек Верчик од Карловиот Универзитет од Прага, додека геолошките истражувања ги предводи д-р Јаромир Бенеш од Универзитетот на Јужна Бохемија од Чешко Будејовице.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Се намалува бројот на реинфекции со Ковид-19, минатата недела регистрирани 372

Редакција

Доктор Беќаровски прогнозира: До 1 јануари новиот сој на Ковид-19, омикрон, ќе се претвори во микронче

Редакција

(Видео) Тимот на клиниката „Жан Митрев“ успешно изведе сложена операција кај 21-месечно девојче со срцева мана

Редакција