еМагазин
Image default
Македонија

Отворен почесен конзулат на Мексико во Скопје

Почесниот конзулат на Обединетите мексикански држави (Мексико) беше отворен со свечено интонирање на државните химни и врачување на мексиканското национално знаме.

Почесниот конзулат ќе го предводи Енвер Малиќи, кој официјално ја презема титулата „почесен конзул“ на Соединетите мексикански држави во Република Северна Македонија.

Почесниот конзулат ќе работи на унапредување на соработката меѓу двете земји и ќе иницира заеднички активности во повеќе области. Свеченото отворање на почесниот конзулат го предводеше амбасадорот на Соединетите мексикански држави, Неговата екселенција, Марко Антонио Гарсија Бланко.

„Отворањето на почесниот конзулат е чекор напред во билатералните односи меѓу Мексико и Северна Македонија кои на 4-ти октомври ќе ја одбележат 18-годишнината од воспоставувањето.

Односите меѓу двете држави и досега беа пријателски, но отсега соработката и заедничките активности ќе се продлабочат во интерес на двата народи. Со поддршка на Енвер Малиќи како почесен конзул, убеден сум дека ќе се развијат нови области на соработка и разбирање за да се прошират и зајакнат билатералните односи со плодни резултати за обете страни,“ истакна амбасадорот Гарсија Бланко.

Почесниот конзул на Соединетите мексикански држави, Енвер Малиќи рече дека иако географски далечни, нашите земји споделуваат многу заеднички нешта.

„Почитта кон традицијата, силниот темперамент и борбата за човекови права и достоинство нè обединуваат. Мексиканското и македонското искуство е одлична основа за соработка и поголема размена на идеи што ќе ги зајакнат односите меѓу двата народа.

Интензивирањето на соработката во различни сфери ќе биде еден од моите приоритети како почесен конзул, овде во Северна Македонија, но и во Соединетите мексикански држави. Современите трендови во различни области на општественото живеење и бизнисот во двете држави можат заеднички да придонесат за подобри позиции во меѓународните односи и да промовираат развој и напредок,“ истакна Малиќи.

На отворањето на почесниот конзулат на Обединетите мексикански држави присуствуваа и претседателот на Владата, Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, претставници на дипломатскиот кор, претставници на деловната заедница и институции.

Почесниот конзулат се наоѓа во комплексот „Парк резиденс“ во Скопје и ќе биде отворен секој работен ден од 8:00 до 16:00 часот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Две куќи, стан, чамец, деловен простор: Каков имот пријавил Енвер Малиќи, кој стана почесен конзул на Мексико во Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Претседателот на РКЕ Бислимоски е добар, нападот пријавен во МВР

Редакција

Новиот позитивен на Ковид-19 во Кавадарци е син на претходно заболен

Редакција

Градинките ќе се отворат на 9 септември

Редакција