еМагазин
Image default
Забава

Оваа недела во Битола гостува легендарната Неда Арнериќ со претставата „Се извинуваме, многу се извинуваме“

Легендарната Неда Арнериќ, српска и поранешна југословенска филмска, театарска и тв-глумица која ја знаеме и ние од многу македонски филмови, а најмногу од филмот „Исправи се, Делфина“ доаѓа во Битола. Таа по подолго време се врати на сцената, но се врати и во вистинскиот живот.

Со новата театарска претстава „Се извинуваме, многу се извинуваме“ на 13-ти октомври, недела, во 20:00 часот ќе настапи во големата сала на Центарот за култура заедно со својот колега Феџа Стојановиќ, а повод е 39-тиот роденден на институцијата.

Станува збор за култната ТВ драма која во 70-тите години беше одлична забава за цели генерации кои уживаа да ја гледаат, тогаш Милена Дравиќ и Слободан Ѓуриќ на црнобелитеТВ приемници.

После цели 40 години, друг одличен актерски пар, Неда Арнериќ и Феџа Стојановиќ на сцената на театарот Карт бланш, овој пат како театарска претстава го играат овој текст на Милан Николиќ. За оваа претстава актерите добиваат бурни и долги ракоплескања од публиката ширум регионот.

„Текстот на претставата се однесува на луѓето во постари години кои бараат сродни души. Јас од своето животно искуство би порачала: „Луѓе, не се откажувајте од животот, дури и кога ви е најтешко, кога сте оставени сами, кога никому не му требате. А, тоа е само привидно. Бидејќи повторно ќе најдете некој со кој ќе го поминете остатокот од животот, со кого ќе ви биде убаво“ изјави Неда.

Претставата е дел од „Културно мени“ програмата за овогодинешниот 39-ти роденден на центарот за култура во Битола. На менито има 39 настани кои вклучуваат театарски претстави, изложби, концерти, промоции на книги и кино проекции, со тоа што очекуваат голем број на посетители од целата држава.

„Драго ми е што има голем интерес за сите настани, горда сум на нашата институција и на целиот тим кој работиме заедно. Следниот месец имаме убав настан, а тоа е Фестивалот на музика од светот кој од 15-ти до 17-ти ноември ќе се одржи по 11-ти пат за кој наскоро ќе ја објавиме  програмата. За фестивалот во план се гостувања на две исклучителни музички ѕвезди, еден бенд составен од врвни музичари од нашата земја, како и Камерниот оркестар од Битола“, истакна Маја Андоновска-Илијевски, директорка на НУ Центар за култура-Битола.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Со сечење на џиновската пастрмајлија и настап на Саша Ковачевиќ, Пајак и Лара, започна „Штипската пастрмајлијада“

Редакција

Симон Трпчески објави нов албум за престижниот „Лин Рекордс“

Редакција

На „Тиквешки гроздобер“ испиени над 25 тони вино, имало над 120 илјади посетители

Редакција