еМагазин
Image default
Интервју

Јовановиќ: КИНЕНОВА и уметноста ќе ја победат пандемијата оваа година со специјална програма

Уметноста секогаш има начин да биде видена, а публиката е онаа која што треба да ужива во неа. Оваа година, Меѓународниот филмски фестивал КИНЕНОВА доаѓа од нов агол пред публиката, но овој пат достапен е за сите. Новите услови кои се наметнаа при справување со корона кризата, доведе до тоа да се промени и начинот на одржување и организирање на филмскиот фестивал.

Овој пат КИНЕНОВА во октомври ни ги носи најдобрите светски филмови во нашите домови преку Телевизија „24“.

„еМагазин.мк“ разговараше со режисерот Небојша Јовановиќ, креатор на Меѓународниот Филмски фестивал КИНЕНОВА.

По што се разликува КИНЕНОВА од останатите филмски фестивали?

– Меѓународниот филмски фестивал КИНЕНОВА значително се разликува во светот на филмските фестивали со тоа што ние сме насочени кон промовирање и афирмирање на сите оние млади и нови филмски автори кои што творат и го прават филмот еден од најубавите начини на комуникација. КИНЕНОВА е наменет за откривање на нови филмски автори од цел свет. Оваа година, КИНЕНОВА се издвојува и по тоа што ексклузивно ќе се емитува на програмата на Телевизија „24“. Преку тоа сакаме да покажаме дека светот на филмот е поле кое што е непресушно, а уметноста е секогаш онаа која победува и наоѓа начин да биде видена, дури и во време на пандемија.

Како се одрази актуелната ситуација со Ковид-19 пандемијата врз КИНЕНОВА?

– Ние сме пред сѐ, општествено одговорен филмски фестивал, а тоа само по себе бара континуитет на дејствување. Уметноста може да се конзумира на било кое место, а понекогаш и во удобниот дом. Поаѓајќи од грижата за нашата публика, која во услови на ограничувања нема можност слободно и безгрижно да следи филмска уметност во кино, ние најдовме начин како да се надмине тоа и сепак потребата од гледање на добар филм да биде задоволена.

Со таа цел програмата од КИНЕНОВА ексклузивно ќе се емитува на програмата на 24 телевизија од 1 октомври. Всушност, цел октомври Меѓународниот филмски фестивал КИНЕНОВА ќе биде присутен во домовите преку малите екрани. Од 1 до 7 октомври ќе се емитуваат КИНЕНОВА РЕТРО филмови кои се всушност дел од наградените и најдобри филмови од минатите четири изданија, за од 8ми да започне прикажувањето на официјалниот дел од програмата. КИНЕНОВА и уметноста ќе ја победат пандемијата оваа година со специјална програма за публиката.

Каков ефект ќе има оваа година КИНЕНОВА врз публиката?

– Како организација, нашата цел е публиката, односно гледачите во овие неизвесни времиња да добијат можност преку одличните филмови на КИНЕНОВА да имаат еден прозор преку кој ќе можат да погледнат и во призор кој потсетува на некој можен подобар свет, кој е полн со љубов, разбирање, слобода, почит и многу други вредности кои изгледа како лесно да ги продадовме.

Оваа година, филмовите ќе бидат достапни за сите, без влезници, без непотребна гужва, но со убава можност секој ден да се ужива во добар филм. Публиката сама ќе си реши дали тоа ќе биде филмска вечер за целото друштво, или ќе биде вечер каде што некој сам, во интимна атмосфера ќе ужива со добар филм. Уметноста ослободува, а во ова бурно време и те како ни е потребно опуштање и слободна мисла.

Каков е фокусот оваа година на фестивалот?

– Фокусот оваа година е како и секоја претходна пред сѐ на главната програма која е сочинета од филмови на нови режисери од цел свет и нивните први или втори долгометражни филмови. КИНЕНОВА има јасно исцртан идентитет кој што го издвојува од другите фестивали. Како што и претходно публиката во Скопје имаше можност да види, главна програма на фестивалот е оригинална селекција на деби филмови и тоа претставував всушност пресек на најдобрите дебитантски филмови од последните две години во светот. Сепак, покрај филмови на нови режисери, ние ќе понудиме и филмови од познати, докажани режисери.

Каква публика привлекува КИНЕНОВА?

– КИНЕНОВА не се ограничува во обраќањето кон одредена публика. Едноставно програмата е така конципирана да содржи разноликост во темите, во стиловите на филмовите, разноликост во поглед на млади и повозрасни режисери, докажани или сеуште непромовирани автори. Тоа значи дека програмата е буквално шарена и носи филмови од сите меридијани, од многу различни земји и култури, во најразлични жанрови. Кога ја составувавме програмата не мислевме на одредена група на луѓе, туку на сите генерации и групи на публика. Сепак, би кажал дека ни е најдрага младата публика, затоа што сметаме дека е важно да биде филмски писмена за да го препознава уметничкиот квалитет на филмовите од новото време.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бошко Стаменковски, светски шампион во „пауерлифтинг“: Гордо ја претставувам Македонија во светот, иако за возврат не добивам ништо

Редакција

Ботокс и бразилски задник се хит третмани кои жените ги бараат на Клиниката за пластична хирургија, вели хирургот Пеев

Силвана Жежова

Епидемиологот Микиќ во интервју за ПИНА: Ако не ги почитуваме мерките, ќе бидеме како во Италија

Редакција