Паѓа ли во вода процесот на уставните измени согласно Преспанскиот договор за менување на името на државата во Северна Македонија по апсењето на поранешниот прв разузнувач Сашо Мијалков е прашање кое заслужува анализа со оглед на тоа што токму Мијалков беше посоечен од неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ дека влијаел врз одлуката на осумте пратеници од оваа партија да гласаат за уставните измени.
Како што е познато, ВМРО-ДПМНЕ по ова ги исклучи и Мијалков и пратениците од партијата. Ако на тоа се надоврзе дека токму овие пратеници гласаа против одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски кој потоа избега и доби азил во Унгарија, како и дека Владата го одби предлогот за амнестија за собраниските настани на 27 април впечаток е дека се комплицира понатамошниот процес на уставни измени.
Сега останува прашањето дали премиерот Зоран Заев ќе успее да го задржи парламентарното дво-третинско мнозинство од 80 пратеници потребно за довршување на процесот на уставни измени.
Тој, неодамна и самиот изрази загриженост по ова прашање.
„За мене прв приоритет е политичкиот процес во Парламентот, зошто, заради тоа што обезбедуваме иднина во НАТО и ЕУ. Не дека сето друго не е важно, но тоа е условено од успешноста на ова. Верувам во парламентарниот капацитет на пратениците. Се надевам дека бројките ќе растат, но споделувам дека сум и исплашен за бројките, затоа што не можеме да ја спречиме правдата во државата, постапките на правосудните системи, како постапуваат тие има рефлексија врз случаите“, изјави Заев.
Останува времето да покаже дали бегството и азилот на Груевски и апсењето на Мијалков ќе го променат односно ќе станат пречка за промена на името на државата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Заев загрижен за парламентарното мнозинство за уставни измени
Сашо Мијалков во менгеме: ВМРО-ДПМНЕ го избрка, СДСМ го притвори
Голем пораз или заговор: Владата, ЕУ и САД им должат одговори на граѓаните за азилот на Груевски