еМагазин
Image default
Македонија

Партиите во нов обид за компромис за Законот за јавно обвинителство

Нова средба на работната група во поширок формат, односно со присуство на претставници на сите пратенички групи ќе се одржи денеска за Законот за јавно обвинителство. По средбата што ќе се одржи во Собранието, ќе се знае дали ќе се надминат отворените прашања меѓу власта и опозицијата и конечно Предлог-законот да се најде на пленарна седница.

Средбата, како што напиша на Фејсбук министерката за правда, Рента Дескоска, е со цел да се усогласи текстот што ќе влезе во собраниска процедура. Според Дескоска, овој Предлог-закон подразбира градење силно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кој покрај тековните надлежности што ги има, ќе ги преземе и случаите што ги водеше Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Претседателот на Собранието, Талат Џафери најави дека доколку до Парламентот биде доставен усогласен Предлог-закон за јавно обвинителство и по содржина и со договорено мнозинство, тој веднаш ќе биде ставен на собраниска седница.

– Има таква деловничка можност, изјави Џафери на средба со новинарите, додавајќи дека сè зависи од волјата на парламентарниот состав.

И премиерот Олвер Спасовски нагласува дека е важно да се донесе законско решение што ќе значи пред сè овозможување правда за секој граѓанин во државата и законско решение, како што вели, кое нема да дозволи штитење на кој било поединец без разлика дали е тој сега дел од оваа влада или бил дел од претходната влада или бил на која било позиција во државата или е обичен граѓанин.

Јавната дебата што се водеше во Собранието, оцени премиерот Спасовски, покажа дека навистина има што да се слушне од страна на експертите, кои објективно и во рамките на својата експертиза можат да кажат сопствено мислење во однос на законското решение.

Доскорешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев очекува договор за Законот за јавно обвинителство, затоа што, како што вели, на сите им стана јасно дека се работи за правно формално потребно решение за државата.

Апелира, по одржаната јавна расправа во Собранието, во наредните три дена партиите да ги оформат сите предлози, тие во форма на амандмани да бидат вградени во законот и Владата во понеделник да го достави до Собранието и тој да биде изгласан до пред распуштање на Парламентот.

–Донесувањето на Законот за јавно обвинителство ја гарантира европската иднина на државата. Секое попречување на овој процес значи бегање од правдата и оддалечување од Европската Унија. Да покажеме вистински демократски капацитет за градење силни и независни институции, кои ќе се борат против криминалот и корупцијата, вели Заев.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, член на работната група за Законот за јавно обвинителство, изјави дека јавната расправа во голем дел дала потврда на многу забелешки што претходно ги изнела опозицијата за овој, како што рече, некомплетен и со многу недостатоци закон.

– Единствено тие што работеа на овој текст си ја пофалија својата работа, како академикот Камбовски, додека стручната јавност беше прилично конкретна и критична. Нашиот заклучок од јавната распава е дека најголемиот број присутни стручни лица од правната и академската фела препорачаа овој Предлог-закон за јавно обвинителство да се доработи од Министерството што го предлага, рече Милошоски.

Додека траеше експертската дебата за законот евроамбасадорот Самуел Жбогар на Твитер напиша дека се надеваат оти законот за јавно обовинителство ќе биде усвоен пред распуштање на Собранието.

– Земјата треба да продолжи да ја покажува својата посветеност на реформи особено во клучни области, напиша Жбогар, посочувајќи дека предложеното законско решение е добра основа за да се донесе консензуална одлука.

За надминување на партиските интереси и усвојување на Законот за јавно обвинителство повика и американската амбасадорка Кејт Мери Брнз.

Новиот Предлог-закон за јавно обвинителство се очекува да биде донесен до 12 февруари, кога треба да се распушти овој собраниски состав. За неговото донесување неопходно е двотретинско мнозинство.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ќе се отворат ли летните тераси на рестораните и кафулињата: Утре истекуваат рестриктивните мерки

Редакција

Убава вест: Нема починати од Ковид-19

Редакција

СЈО: „Бомбите“ на „Ел чека“ не се од СЈО

Редакција