еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ

Патот до „моќ“ на ромските политички партии

Овие избори, покрај фокусот на домашните реформи ќе го стават и на меѓународните односи на земјата.

Позицијата и политичката програма на СДСМ останува цврста и понатаму ќе се фокусира на патот во ЕУ преку спроведување на потребните реформи и почитување на Договорот од Преспа. Додека, ВМРО-ДПМНЕ не смета дека единствениот пат за земјата е ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ можност гледаат во приклучување на државата кон евро-азиската унија заедно со Русија, Србија и поранешните советски земји.

Албанските партии остануваат сигурни дека ЕУ е единствениот сојузник на земјата, но сепак тие имаат различен став по однос на домашните реформи. Албанските опозициски партии ја воведоа идејата за создавање на коалиција на сите албански партии против ДУИ. Сепак, останува неизвесно дали сите албански лидери ќе ја прифатат оваа идеја. Ниту една од албанските партии не формира предизборни коалиции со македонските партии, бидејќи тие на овие избори засега сметаат дека треба да одат сами, а по изборите да формираат коалиции со партиите од македонскиот блок.

Oд 2001 година се отвори простор за поголемо политичко претставување на етничките заедници што придонесе да се појават уште шест нови ромски политички партии [1] на македонската политичка сцена.

Трендот на појавување на ромски политички партии на секои 4 до 6 години е главно воден од изборниот циклус на државата во кој дел од ромските партии се активираат само во предизборните кампањи со надеж дека ќе ги реализираат интересите на лидерите кои важат за “човек-партија” и за вработување на своите најблиски, но и за одржување на бизнисот преку тендерски договори.

Ова го потврдуваат и актуелните теми кои се важни за политичкиот дискурс во кој ромските политички партии многу малку или пак воопшто не се вклучуваат активно во дебатите за изборниот модел, финансирањето на политичките партии, предвидениот попис, правичната застапеност во институции, спроведувањето на јавните политики за Роми и многу други важни теми.

Со оглед на тоа што според последниот попис во Република Северна Македонија живеат 53.879 Роми се поставува прашањето дали на воопшто на ромската заедница им се потребни 9 политички партии кои ќе ги застапуваат интересите на самата заедница на парламентарните избори.

Имајќи го во предвид изборниот модел од шест изборни единици и тоа како се скроени единиците одговорот е НЕ. Моменталниот изборен модел ги фаворизира поголемите политички партии каде што бројките одлучуваат, a гласот на малите етнички заедници, вклучително и ромската, имаат помало влијание и вредност. Со оглед на географската распространетост на ромската заедница низ територијата на државата и политички скроените изборни единици, ромскиот електорат нема еднакви шанси за соединување на гласовите.

Со моменталниот изборен модел освен во изборна единица 2 во ниту една друга изборна единица ромска политичка партија самостојно не може да освои мандат, но имајќи го во предвид фактот дека се активни 9 ромски политички партии и поделбата на гласови ниту една ромска партија не би можела да освои самостојно мандат.

Знаејќи го ова ромските политички партии одат во предизборна коалиција со поголемите партии односно со СДСМ и ВМРО ДПМНЕ со цел да ги затскријат реално освоените гласови, а притоа настојуваат да обезбедат добитна позиција во една од изборните единици. Ваквиот потег ја поткопува самостојноста и моќта на ромските партии во коалицијата односно поголемите партии се свесни која партија колкав придонес може и носи во својата коалиција.

Актуелната дебата околу промена на ваквиот изборен модел во една изборна единица со отворени листи ќе придонесе за креирање подемократски амбиент и фер-плеј изборна трка која треба да понуди квалитет и квантитет. Но, се поставува прашањето колку ромските политички партии се вистински спремни за еден ваков натпревар во кој би се обиделе самостојно да обезбедат пратеници.

Повторно ромските политички партии по кој знае кој пат и на овие избори ќе настапат без јасна стратегија и фокус за подобрување на состојбата на ромската заедница односно уште од сега може да се забележи дека се разговара за индивидуалните интереси на ромските политичари. Ромските политички партии повторно влегуваат во ад-хок коалиции со поголемите политички партии на македонскиот блок без претходни анализи за можностите кои се отвораат со предвремените парламентарни избори.

Постарите лидери се во вештачки обид да се договараат за гласачите и институциите без значителен политички капитал кој треба да биде претставен кај ромската заедница. Засега, ромските политички партии како што беше случај и во минатото, немаат подготвена политичка програма преку која би се обиделе да се наметнат кај коалиционите партнери, но и да ги убедат ромските гласачи да гласаат за нивните партии односно коалиции.

Како дел од коалицијата со ВМРО ДПМНЕ остануваат, две ромски партии (ДСР и РОМ) и еден политички активист од СРМ (Ибрахим Ибрахими) за претстојните избори, додека 3 партии (СРМ, ПЦЕР, ОПЕ) и двајца политички активисти од СДСМ (Курто Дудуш и Асан Ферат) ќе ги здружат силите во коалиција со владејачката партија. Новоформираната партија ПДПР на чело со Аксел Ахмедовски и ПИР сè уште се немаат определено, но трендовите покажуваат дека ПДПР ќе се приклучи кон коалицијата предводена од страна на СДСМ.

Тоа што може да се забележи е дека ромските политички партии и ромските крила на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ се активираа и ги започнаа со своите активности. Дали овие предвремени парламентарни избори ќе донесат нешто ново останува да видиме.

Но, со сигурност овие избори се тест за развиената политичка култура кај ромската заедница и за ромските политички партии за кои сметам дека треба да изградат заеднични национален консензус преку креирање на платформа во која сите ромски партии ќе застанат заедно во барања за обезбедување на поголем буџет за спроведување на таргетираните и меинстрим политики за Роми, да се постигне соодветна и правичната застапеност од 2,6% и да се обезбедат поголеми инфраструктурни проекти во општините со мнозинство на ромско население.

Притоа, овие три клучни барања треба да бидат застапувани без разлика кој и да победи на парламентарните изборите на 12 април, 2019 година.

Автор: Дениз Селмани, Програмски менаџер на Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико

Ставовите на авторот не се редакциски став на еМагазин

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Не збори со непознати“, така ги испративме децата утрово на школо

Силвана Жежова

„Мрчаторите“ од Фејсбук не дојдоа на отворениот ден во Цементарница Усје, да видат дека фабриката не може да работи без филтрите

Редакција

Судбоносен ден за Македонија: Чудо во пет за дванаесет или нова политичка голгота?

Никола Осило