еМагазин
Image default
Интервју

Паунович-Бишевац: 16 дена активизам за крај на насилството врз жените и девојките

Со Ивона Паунович-Бишевац од канцеларијата на UN Women зборуваме за кампањата 16 Дена активизам против родово базираното насилство, период кога индивидуалци и организации низ целиот свет, преземаат активности за да го насочат вниманието кон ова многу важно прашање, повикувајќи на глобална акција за подигнување на свеста.

„Портокаловата боја е боја на надежта, боја во која се осветлуваат или обојуваат важни згради, историски места, споменици и обележја на земјите и која повикува кон посветла иднина, без насилство врз жените и девојчињата“, вели Паунович-Бишевац.

На што се однесува кампањата 16 Дена активизам против родово базираното насилство? Зошто се “обојуваме” во портокалово?

-Периодот од 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените па сѐ до 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, претставува време кога сите глобални иницијативи и напори за спречување на насилството врз жените добиваат своја кулминација, преточена во една масовна глобална кампања.

16 дена активизам против родово базираното насилство, се денови кога индивидуалци и организации низ целиот свет, преземаат активности за да го насочат вниманието кон ова многу важно прашање, повикувајќи на глобална акција за подигнување на свеста. Портокаловата боја е боја на надежта, боја во која се осветлуваат или обојуваат важни згради, историски места, споменици и обележја на земјите и која повикува кон посветла иднина, без насилство врз жените и девојчињата.

Кои настани ќе се случат во рамките на кампањата? 

-Оваа година, како и во изминатите 4 години, во кампањата се вклучија сите агенции на Обединети нации, ОБСЕ, Владата, меѓународните претставништва во земјава, како и невладините организации. На глобално ниво, кампањата започнува со „обојување“ на некое историско обележје или некој значаен објект во портокалово. Оваа година, тоа беше зградата на Владата, со цел да се оддаде признание на заложбите на Владата за имплементацијата на Истанбулската конвенција.

Во рамките на кампањата се случуваа и ќе се случат повеќе настани – од страна на UN Women, Европската комисија, Советот на Европа и Владата беше организиран регионалниот форум за промоција на имплементацијата на Истанбулската конвенција; во тек се голем број на едукативни дебати во средните училишта организирани од страна на НВО ХЕРА, исто така и во Тетово и околината, од страна на НВО Женски Форум. Голем дел од организациите, како Фондацијата Фридрих Еберт Стифуг, Националниот совет за родова рамноправност, Организацијата на жени на Град Скопје, Хелсиншкиот комитет за човекови права, ЕХО од Штип и др., спроведуваат најразлични уметнички и улични настани за подигнување на свеста за искоренување на насилството врз жените и девојчињата.

Дали сметате дека има прогрес во искоренување на насилството врз жените кај нас? Што покажуваат истражувањата и анализите?

-Последната деценија и повеќе, прашањето за насилството врз жените добиваше сѐ поголем интерес и сѐ почесто претставуваше предмет на јавен дискурс, дебата во парламент, тема на јавни кампањи и настани. Тоа особено се однесува на семејното насилство, а значително помалку на останатите облици и манифестации на насилство врз жените и девојчињата како што е насилството во јавните простори, сексуалното насилство и вознемирување.

Навистина е тешко да се каже за тренд на намалување, посебно поради тоа што не постои стандардизиран и континуиран пристап во мерење на превалентноста на насилството врз жените на ниво на цела популација. Она што покажуваат податоците од истражувањата и анализите спроведени во последните неколку години е дека родово базираното насилство е еден од најчестите облици на дискриминација и кршење на женските права, и дека скоро секоја трета жена била жртва на некоја форма на насилство.

Истражувањата за насилство врз жените на јавни места укажуваат дека повеќе од една третина од жените понекогаш или секогаш се плашат да излезат сами, дури и во текот на денот, половина од жените се плашат да одат во одредени населби или на одредени улици или се плашат да ги користат јавните места каде што нема голема фреквенција на луѓе.

Дополнително, неодамнешна анализа направена од страна на UN Women за родовите стереотипи, норми и однесувања, покажуваат дека 40% од мажите и 29% од жените потполно се согласуваат или делумно се согласуваат дека жената треба да му биде покорна на својот сопруг, дури и кога не се согласува со него. Исто така, 30% од жените и 34% од мажите потполно или делумно се согласуваат дека некои жени сами провоцираат да бидат тепани.

Имајќи предвид дека оваа кампања водена од страна на сите ОН организации во земјава (вклучувајќи ја Владата и меѓународните организации) се одбележува веќе по четврти пат, дали можеме да кажеме дека има зголемена свест за спречување на насилството врз жените и девојчињата?

-Последните неколку години, агенциите на ОН во соработка со Владата, невладините организации и другите меѓународни организации, навистина вложија големи напори да се подигне прашањето на насилството врз жените што повисоко на јавната и политичката сцена, преку интервенции и активности кои континуирано се спроведуваат, не само во текот на 16-те дена. 16-те дена активизам се можност за сите тие напори да станат повидливи, да се повика на отчетност и одговорност од целото општество и да се заокружи сѐ она што постојано се прави за спречување на овој феномен.

Кампањата е исто можност да се биде дел од глобалното движење, да се слушне и сподели дека во речиси целиот свет од Њујорк, Каиро, Буенос Аирес па сѐ до Скопје, и другите градови во земјата, се повикува на нулта толеранција и крајно запирање на насилството. Неминовно е после сите заложби и акција, дека постои промена, дека се менува разбирањето, ставовите и однесувањата кај луѓето. Сепак промената не се случува, ниту во нашата, ниту во било која друга земја, со темпо кое што е потребно…

Генерално прогресот кон остварување на целосна еднаквост помеѓу жените и мажите, и живот без насилство за сите жени и девојчиња, на глобално ниво покажува дека уште стотици години ќе бидат потребни за да се постигне крајната цел. Сè уште сме сведоци на општествена прифатеност и нормализација на потчинетоста на жената, сè уште се идентификува нејзината примарна репродуктивна улога, сè уште не постои препознавање на голем број манифестации на насилство врз жената.

Сѐ додека има огромен процент на жени кои се плашат навечер да прошетаат по улиците на своето место, да чекаат на автобуските станици и девојки кои сметаат дека облеката влијае на ризикот да се биде предмет на сексуално вознемирување, нема да можеме да зборуваме дека свеста конечно се зголемила и жените и девојките можат да ги користат и уживаат јавните добра без страв од насилство и дискриминација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Илија Станковски: Учење преку служба за заедницата – образование во и надвор од клупите

Редакција

Никола Димитров за „Le Figaro“: Нема да ги внесуваме нашите стари спорови во Европа

Редакција

Јосифоска: Избледнува мислењето дека во светот на инженерството, мажите доминираат

Редакција