еМагазин
Image default
На кафе во Кантина

Пеева-Лауренчиќ: ПР-от е уметност, а пропагандата порнографија

Агенцијата „Имиџ ПР“ одбележа 15 години од работењето, а кога првиот човек на компанијата Ангелка Пеева Лауренчиќ ќе се наврати на тој период, вели дека за да се одржиш на пазарот, треба многу да се работи.

Иако, животот во изинатите 15 години и се одвивал како на филм, успеала приватно да се реализира, професионално да премине од политика во бизнис, но и стоечки да се носи со загубите на мајката и сопругот.

„На почетокот од основањето на „Имиџ ПР“, првата специјализирана агенција за односи со јавност на нашиот пазар, најкомплицираниот дел беше да објасниме што всушност работиме, што се тоа односи со јавност. Жалам што и до денес немаме чиста позиција по тоа прашање, дури и кај поединци што сметаат дека практикуваат односи со јавност, без разлика дали се нарачатели или практичари. Едноставно тешко се разбира дека ПР-от и пропагандата се две различни нешта. Можеби изгледаат филмски, но и ако е така едниот е уметнички, а другиот порнографски.

Тоа што е неспорно во однос на професијата во изминативе години е дека ја добивме битката за разбирање на потребата од користење на односи со јавност во компаниите, институциите, организаците, но се уште ја биеме онаа со разбирањето и суштината на професионалните односи со јавноста.

Сите тие процеси во изминатата деценија и пол одеа паралелно со водењето и развивањето на бизнисот, во услови кога економијата не напредува.Јасно е дека тука нема голем избор освен да живееш со работата, но не сам, туку со целиот тим, да внимаваш на стандардите, на деталите, да ја гледаш јасно големата слика, да го одработиш  секој аспект кој има значење на финалниот резултат кон клиентот. Перфекцијата на тимот на „Имиџ ПР“ е неприкосновена во овој сегмент  на нашиот пазар“, објаснува Пеева Лауренчиќ.

Таа додава дека сосема се погрешни размислувањата дека односите со јавност значат исто што и односи со медиуми, сепак второто е само испраќање на порака во еден правец – пластична споредба би била на пример – слепа едносмерна уличка, наспроти двосмерен автопат со повеќе ленти.

„Почетокот беше тежок, но за среќа имаше две компании кои разбираа колку е вредно за нив да работат на својата репутација. Во денешно време, можете се да ископирате, освен репутација. Се друго може да купите со пари, освен добриот збор што некој за вас може да го каже. Репутацијата живее подолго од човекот.  Во тоа време „Мобимак“ и „Пивара Скопје“, како две интернационални компании, имаа чувство и дадоа шанса на „Имиџ ПР“ да работи со нив во сегментот односи со јавност. Благодарни сме на тимовите на чело на тие компании за широчината и можноста за развој на професијата во Македонија“, додава Пеева Лауренчиќ.

Агенцијата е расадник на голем дел од луѓето што работат во професијата, бидејќи неколку ПР агенции се креирани од луѓе кои некогаш работеле во „Имиџ ПР“.

„Токму луѓето кои некогаш беа дел од тимот, го прават пазарот на агенции од областа на односите со јавност. Добро е да се има конкуренција, така повеќе се вреднува квалитетот на пазарот.Тоа е здраво. Но се разбира, во услови на професионална битка, се’ друго е само добиена битка, а изгубена војна, “, додава таа.

Агенцијата „Имиџ ПР“ до сега работела на над 300 поединечни проекти за компании, невладини организации, институции, министерства, меѓународни организации.

„Односите со јавност имаат логика ако се на долги патеки. Не можете да работите еден, два или три месеци и да очекувате дека имате шанса да прикажете одржлив резултат на подолг рок. Или работите долгорочно или не им ги земајте парите на клиентите. Бројката што ви ја спомнав се однесува на работа на „парчиња“, настани, краткорочни кампањи, но горди сме на реултатите на  нашите клиенти кои на долг рок се одлучиле да бидат со нас, некои од нив од денот на самото основање на агенцијата.Тоа е доверба и резултати од двете страни“, вели Пеева Лауренчиќ.

Можеби малку е познат факот што голем дел од вработени во „Имиџ ПР“ се магистри по комуникација, а врз основа на интерна одлука на менаџментот, да се „усогласи“ образованието, со оглед на тоа што фаултетското образование на вработените бил доста шаренолик. Денес членовита на тимот на „Имиџ ПР“ се вклучени во едукативни програми на млади луѓе на тема односи со јавност на разлишни нивоа.

Конкретно Ангелка, дел од слободно време работа го посветува на студентите во „Американ колеџ“ каде е професор од пракса за односи со јавност и докторант на истата тема на Правен факултет.

За развојот на „Имиџ ПР“ вели дека полека се движат кон подмладување на тимот, а предизвик за компанијата е како да се даде најдоброто на клиентот во услови на дигитални комуникации кои променија се.

„Дефинитивно по извесен период ќе се вратиме на основите на човечката комуникација еден на еден, што во суштина преку социјалните мрежи се постигнува но е виртуелна. Останува предизвикот тоа да го направиме на мал и поделен пазар. Но, без разлика на условите, има простор за сите агенции, дилемата е дали сите агенции ќе го одржиме стандардот под кој не смееме да одиме. Штом го има тој стандард имаме и стандардна цена. Се’ под тоа е тргање на столицата на која сите седиме. Доколку го научиме пазарот дека може така да се игра, повторно нема да го вратиме назад. Не сум сигрна дека сите играчи на пазарот добро го разбираме тоа“ додава таа.

Еден час во денот ми треба, да си ги средам фолдерите во глава

Пеева Лауренчиќ, како што вели, е човек кој максимално се дава во се’ што ја окупира. За да го постигне максимумот секаде, прави прецизни сатници и детални списоци на обврски, што ја дисциплинираат.

„Едноставно тоа е мојот лексилиум, добриот план ми го превинира стресот. Да знам кога и што правам. Често заради тој манир сум предмет на шега кај блиските. Сакам однапред да знам и приватно и професиноално – кога, како, што. Кога самоанализирам дали е тоа во ред, сепак доаѓам до заклучокот дека оваа моја самодисцилина ми помага да го направам балансот, колку – толку, помеѓу привтното, професионалното и она „внатрешното“. Е сега, можеби од страна тоа не изгледа баш така.

Трагам по внатрешент мир и спокој, по она „внатрешното“. Да бидам што повеќе свесна за моментот, за сега и овде, за присутноста на секој детал и секоја фаза. Да избегам од онаа дефниција дека животот е она што ни се случува, додека правиш планови за иднината. Но тоа е најтешкото парче во целата приказна. На крајот на денот, сите нешта што ни доаѓаат во животот почнуваат и завршуваат во нас, во нашите глави. Сами доаѓаме на свет и сами одиме на другиот. Во меѓувреме важно да не се изгуби контактот со околина, средината, случувањата, да се даде максиум од себе и да не се очекува, дека таа околина и средина можат многу да помогнат во личниот, професионален, духовен развој. Секоја приказна поинава и лична “, додава таа.

Пеева Лауренчиќ вели дека кога јагнињата ќе стивнат, се соочуваме со себе. И среќни се тие, на кои јагнињата не им стивнале на животниот пат. Храбри се и упорни оние, на кои, тоа им се случило неколку пати во животот.

„Соочување со сам себе е добро заради многу причини, без оглед дали е предизвикано од околината или од внатрешни случувања. Денешниот начин на живот не остава многу простор за тој „разговор“ со сам себе. И затоа ми треба тој еден час пред да заврши денот, да биде само мој. Кога ќе се случат неколку недели без тоа, фолдерите во глава ми се во тотален хаос  и  рутински ги бркам работите“, додава таа.

Ќе признае дека во изминатите петнаесет години, тој еден час во денот не често и бил достапен како физичко време. Но сега, во релативно помирен период на пораснати деца, стабилна компанија и поголема ментална хигиена консебе, го има се повеќе.

„После енормно тешкиот период на соочување со темната страна на животот, со загубата на мајка ми и сопругот, беше навистина предизвик да останам на нозе. И не само јас, туку и моите деца. Две изгубени животни битки за кратко време на ист начин е голема откинување на брегот на кој што стоиш, но и големо просветлување за приоритетите во животот“, објаснува таа.

Во такви моменти, како што вели, имаш два избора. Едниот е да се прашуваш зошто мене ми се случува, што сум згрешила, а вториот е да видиш што најдобро може да се направи во таа ситуација.

„Во тој период, три работи беа приоритетни. Првата работа децата, второ Иво да го добие најдобриот третман и многу љубов,  и трето „Имиџ ПР“ и другите активни фирми да го поминат тој период со позитивна завршна сметка. Тоа не е лесно, но кога нешто искрено сакате и влегувате со чиста енергија и Универзумот работи за вас. Мислам дека и покрај тоа што изгубив две големи битки Иво и мајка ми, војната не ја загубив“, објаснува Пеева Лауренчиќ.

Иво Лауренчиќ е еден од основачите на маркетиншката дејност во Македонија и агенцијата „Идеја плус“, која прослави 25 години од работењето, е расадник на повеќе агенции кои денес постојат. Во негова чест односно за продолжување на негиовиот лик и дело, постои Движењето за поддршка на креативноста „Браво сине!“ кој има идеја да им даде шанса на младите креативни луѓе и притоа креира брендови од национални вредности.

„Еден тим на ентузијасти се ангажиравме да се продолжи понатаму со енергијата на Иво, преку „Браво сине!“  имајќи предвид колку тој сакаше да им даде шанса на младите креативци. Задоволни сме што стотина млади креативци поминаа низ конкурсите, а десетина најдоа и свое работно место благодарејќи на проектот. Покрак тоа, Браво сине има идеја да креира брендови од националните вредности и со гордост може да кажеме дека Бајките од Македонија се веќе национален бренд“, објаснува Пеева Лауренчиќ.

Кога си во политика, гледаш со розеви очила

Пеева Лауренчиќ беше активна во политиката од пред самостаојна Македонија, па се до 2006 та. Во тој период извршуваше многу високи и значајни политички функции, преставувајќи ја либералната идеја во Македонија. Кога во 2006та и и заврши пратеничиот мандат одлучи да стави крај на политичката кариера и да се посвети на бизнисот и на семејството. Вели дека таа одлука била неминовна, бидејќи било невозможно истовреме да се тераат политика, бизнис и семејство. Помеѓу комтната позиција на политичар и водењето на бизнис, се одлучила за второто.

„Политиката е како дрога. Кога си во политичките процеси, не си реален со тоа што вистински се случува околу тебе. Имаш перспектива на розеви очила, сите во опкружувањето сакајќи да удоволат, ќе кажат колку е се совршено, колку сте добри, битни и колку народот ве сака. Колективното отрезнвање доаѓа најчесто на избори, а индивидуалното отрезнување кога нема да сте на функција. Колку е функцијата повисока, толку падот повеќе боли“, додава таа.

Пеева Лауренчиќ признава дека ако си паметен и фино изгледаш и плус ако си жена, е доста ограничувачка позиција за „неоспоруван“ успех и во политиката и во бизнисот. Секогаш ќе бараат да видат кој стои позади тебе. Во таков слулај има само еден излез – повеќе да работиш за да ја стекнеш довербата на другата страна. Можеби и двојно повеќе.

„Има традиционален став дека мажите се поспособни во бизнисот и во политиката, но тоа е на ниво на став. И треба да ја убедиш околината дека тоа не е така. Не сум се почувствувала деградирана, само затоа што сум жена. Но тоа не значи дека не сум се соочувала со прашањето – „Кој стои позади тебе?“ . Со истото прашање и денес се соочувам. И тогаш и сега сметам дека нема потреба да се даде одговор“, додава таа.

Инаку лично смета дека во Маедонија има релативо фер услови во сегментот на половата еднаквост.

„Тоа ни е убаво наследство од социјализмот. Јосип Броз Тито секогаш почнуваше со „другови и другарице“. Која жена во Македонија имала помала плата од маж, само затоа што била жена, а била на иста позиција со маж? Во некои западни држави кои ни го наметнаа ова прашање како „пробелем“, жените покасно добија право на глас, од нас во Маедонија “, објаснува Пеева Лауренчиќ.

Иако имала можност да живее надвор уште пред полнолетсвото, сепак таа се вратила овде каде што, како што вели и е најубаво.

Објаснува дека основата на животна филозофија и ја дале луѓе од Штип,од каде што потекунва, односно била вклучена во голем број на активности од различни сфери кои во глава и направиле мултидисциплинарна сложувалка.

„Не сакав да ја напуштам државата, бев неколку месеци во САД на преодот од средно училиште кон факултет. Одбрав да се вратам и не се каам за таа одлука. Малку луѓе се свесни дека ги имаме сите постулати за убав живот, многу малку ни фали и е голема штета што ниту една политичка структура не успеа да креира систем, процедура, праведност кој што ќе донесеше голем бенефит во сите сегменти. Тоа е тажниот дел од оваа земја. Се друго имаме.

Луѓето се гневни и револтирани бидејќи системот не функционира праведно. Тоа е човечки фактор. Ако јас сум менаџер на „Имиџ ПР“ и одлучувам во кој правец ќе оди таа фирма, и дали вработените  ќе се задоволни или не, зависи од енергијата која им ја давам. Така е и со државата. Тој што ќе ја преземе одговорноста да ја менаџира и за тоа е платен, мора да ги носи и добрите и лошите одлуки. Да ја превземе одговорноста за долгорочна цел. Ако граѓаните знаеле што е најдобро за нив, немало да имаме власт, секој ќе одлучувал што е најдобро“ додава Пеева Лауренчиќ.

Вели дека на нејзините деца ја остава одлуката дали ќе останат во Македонија или ќе одлучат да ја напуштат државата. Но вели дека во периодот додека стигнат до таа одлука, сака да им покаже што е можно повеќе од тоа што светот го нуди.

„Сакам на децата да им покажам како изгледа и функционира светот. Да немаат илузии и погрешни очекувања. Сум ги однела во Азија, Африка, Америка, на многу места, над 40 држави. Но, најмалу 90 отсто од местата кај што сме биле, не можат на мал прст да и се фатат на Маедонија. Македонија е убаво место за живеење. За тоа можам да аргументирам и дебтирам со секого. Нашиот фелер е кај нас, кај луѓето. Но тоа го оставам за друга прилика “, завршува Пеева Лауренчиќ.

Фото: Different Photography

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Чадиковски: Се подготвува Регистар на професионални онлајн медиуми

Силвана Жежова

Марина Тунева: Во мојот мозаик, секоја коцка си има свое значење

Петре Димитров

Љупчо Николовски:  Како “бунтовникот со причина“ стана министер

Петре Димитров