еМагазин
Image default
Интервју

Пендаровски за МИА вели дека од МВР се уште не му одговориле кој го следел

Речиси е сигурно дека ќе има втор круг претседателски избори, бидејќи праговите поставени за евентуална победа во првиот се нереално поставени, вели во интервју за МИА, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Доколку ја добие довербата од граѓаните, нема намера да бара повеќе надлежности за институцијата претседател, но жестоко ќе се спротивстави, нагласува, на евентуални обиди да се намалат тие надлежности.

Ќе се залага за континуирано зголемување на буџетот за одбраната и Армијата, како и тоа претседателот на државата да биде не само врховен командант на вооружените сили, туку да биде и на чело на националната безбедност. Во таа насока, во интервјуто, меѓу другото, посочува дека со најавените измени во разузнавачко-безбедносниот сектор, претседателот треба да задржи значаен дел од надлежностите што сега ги има во таа т.н. координација на тој сектор, без да биде донесен во подредена ситуација.

Во интервјуто за МИА, Пендаровски информира дека сè уште нема добиено одговор од МВР за тоа од кого бил следен, но уверен е дека професионално, како што рече, ќе го истуркаат целиот процес до крај.

Да нема дилеми, истакнува во интервјуто Пендаровски, Македонците каде било да живеат во светот, од Австралија до Канада, зборуваат македонски јазик. Дали практиката во Грција навистина го имплементира тоа што сега го кажувам, подвлекува, тоа е внатрешна политика на државата.

Нашите што живеат таму ќе си ги бараат своите права уште полесно доколку земјава стане членка на ЕУ, вели Пендаровски во интервјуто за МИА. За него, еквидистанцијата е надминат концепт во однос на односите со соседите, а освен форсирање добрососедство, нагласува, земјава нема ќар од друг концепт.

Во интервјуто говори и за пописот, кој според владина одлука треба да се спроведе првата половина од 2020 година, за трендот на иселување на младите…

Ви пренесуваме дел од интервјуто на МИА:

Неопходно ли е сега да се направи пописот?

–  Не мислам дека е неопходен пописот, од аспект на оние кои го бараат гласно, некои од политичарите. Според мене, тоа е небулозна теза да се види дали Албанците се стварно 20 проценти и дали им припаѓаат сите права што им ги имаме зацртано, а тие велат дадено според Рамковниот договор.

На прашање на една трибина дали ако Албанците утре на некој иден попис излезе дека се под 20 проценти треба да им ги земеме правата, им реков дека во демократија само се додаваат правата за сите, не се одземаат. Како држава од давање повеќе права на граѓани кои живеат во твојата, во нашата држава, може само да профитираш. Со одземање права што претходно сте ги имале создавате само конфликтност, само расправии.

Не мислам дека Албанците се под 20 проценти, исто како што знам дека Македонците не се 64 проценти според оној попис што го имавме на времето. За жал, сите етнички заедници се многу помалку од тоа што е преброено во 2002 година.

Владата донесе одлука во првите месеци од доаѓањето на власт во 2017 година, дека пописот ќе биде во првата половина на 2020 година. Првите две години беа предвидени за широки експертски консултации со луѓе однадвор, за да се направи најдобриот модел и да го примениме и да добиеме најдобри резултати.

Според мене, пописот не е битен толку за етничките права, тие се тука и можеме само да ги унапредуваме, туку исклучително е значајно да имаме вистинска бројка луѓе кои живеат овде за правилно да ги димензионираме здравствените политики, образовните…

Каква политика ќе водите со соседните земји – добрососедство, еквидистанција… Склучен е договорот со Грција и договор со Бугарија, но остануваат, да речеме, отворени прашања со Србија, какви ќе бидат односите со Косово и Албанија?

–  Еквидистанцијата е надминат концепт. Во раните 90–ти години можеби било нужно заради некои историски рецидиви. Освен форсирање добрососедство, ние немаме ќар од друг концепт. Ова што го направи Владата, предводена од Заев, договорот со Бугарија, особено со Грција, отстрани две големи пречки на патот кон ЕУ и НАТО.

Објективно, зборувајќи за петте соседи, Македонија нема ниту едно отворено политичко прашање. Со Србија е прашањето на црквите, но во секуларни држави тоа не е политичко прашање, така што и со Србија немаме отворено прашање што го попречува нашиот билатерален развој.

Рековте дека Вашиот противкандидат се залага за поништување на Преспанскиот договор, па дури и на Рамковниот договор. Можно ли е тоа да се направи или станува збор за изборна реторика?

–  Мене ми се чини дека тоа е предизборна реторика. Можеби Силјановска верува во тоа дека е можно, јас ви тврдам дека тоа е практично неизводливо. За да го поништите овој договор, не ни треба само волја нам тука во Скопје. Договорот има и друга страна од Атина и има меѓународен гарант, потпишан е и Метју Нимиц, како специјален пратеник на генералниот секретар на ОН.

Вие морате да ги убедите меѓународните гаранти дека е неопходно да стартувате нови преговори за името и, се разбира, во Атина зависи кој ќе биде на власт, да ѝ кажете на таа влада да дојдат на преговарачка маса. Ако тие не се согласат и меѓународниот фактор не се согласи, ние можеме само дома во Скопје да си правиме муабет меѓу себе, нема да можете да ги обновите договорите.

Ако мислат дека со тим меѓународни експерти ќе направат толку јаки аргументи и ќе ги убедат 5-те членки на Советот за безбедност и Владата во Атина, која може да биде и порадикална за нас, тогаш ќе им подадам рака и ако успеат да направат подобар договор ќе го прифатам и ќе го потпишам со две раце. Но, се плашам дека тоа е фрлање прашина во очи на обичниот македонски гласач.

Ве уверувам дека и досега ова што беше направено не беше каприц на еден или двајца, Заев и Димитров седнале и потпишале сè што им поттуриле Грците. Цели тимови работеа со месеци, помагаа и домашни и меѓународни експерти и во тој момент со потврда и на најголемите држави во светот беше постигнат овој компромис, со кој 100-процентно е заштитен идентитетскиот комплекс на македонската нација. А во делот на нашиот дел од компромисот е додадена само географска детерминанта, ништо повеќе од тоа.

Постои разочараност кај граѓаните и од власта и од опозицијата. Можно ли е кандидатот на албанската опозиција Блерим Река да го повтори резултатот на Селмани?

–  Мислам дека за Река ќе се определат оние кои сепак мислат дека етничката компонента на кандидатите е примарна, сето останато е секундарно. Не мислам дека незадоволството од владејачката структура која постои може да се трансферира во глас за Река.

Не тврдам дека ние 100-процентно исполнивме сè што ветивме. И јас имам забелешки за тоа што е досега направено и јас мислам дека во некои сегменти можеше подобро, дека некои кадровски решенија не беа добри.

Можеме да зборуваме за степенот на незадоволство, меѓутоа апсолутно се согласувам со перцепцијата на дел од граѓаните дека владејачката коалиција не испорача сè што вети во 2016 година. Тоа го имаат кажано и клучните министри на чело со премиерот.

Ќе звучи како оправдување, но факт е дека во оваа година и пол наназад оваа владејачка коалиција се зафати со решавање на најголемите проблеми во оваа земја, кои 30 години наназад никој не ги решавал. Огромна енергија се потроши на договорот со Грција и многу малку време остана да се посвети на економско–социјалната сфера, која беше и остана најважниот предизвик за сите наши граѓани. Ова ќе биде првата исклучиво економска година и првите економски индикатори покажуваат дека целиот фокус на Владата води кон тоа и првите резултати се доста охрабрувачки на тој план.

Имаме првпат историска посета на грчки премиер, но не е толку битно од аспект што е прва, туку од аспект што доаѓаат околу 200 грчки компании, меѓу кои се најголемите што прават профит од милијарди долари на годишно ниво и имаат интерес за инвестиции тука. Ако имаат интерес странските инвеститори за оваа нова македoнска реалност, и домашните инвеститори ќе најдат есап.

Според Вас, ќе имаме ли втор круг претседателски избори?

–  Да, скоро сигурно, бидејќи праговите што се поставени за евентуална победа во првиот круг се нерелно високи. Нереално затоа што сите знаеме каква е состојбата со гласачкиот список. Над 400 илјади луѓе според некои процени се иселени, а се на избирачкиот список, а не гласаат ниту во дијаспората. Имаме едвај нешто над 1.800 граѓани кои се пријавија да гласаат во дијаспората.

Значи треба околу 900 илјади луѓе за еден кандидат во првиот круг, што е невозможно со ваква состојба на избирачкиот список. За да победи некој во првиот круг потребно е 50 плус 1 да ги освои гласовите, а не е битна излезноста, додека во вториот круг е сосема реално да се стигнат 723 илјади излезност под услов главната опозициска партија да не го повтори своето однесување од референдумот минатата година.

Во однос на гласањето на дијаспората Пендаровски смета дека има простор за промени. Можеби треба како некои држави да се гласа по пошта преку интернет со сите можни заштити. На дијаспората, оценува, треба да ѝ се овозможи на практичен начин да го направи тоа.

Колку земјава е безбедна држава во однос на современите облици на тероризам и екстремизам во насока на последното предупредување од МВР за можен терористички напад од страна на Исламската држава? Го добивте ли одговорот од МВР за тоа кој ве следеше?

–  Генерално, по добивањето покана за НАТО, безбедносните трендови почнаа да одат кон смирување во однос на Македонија. Интересот на некои големи сили малку се намали, затоа што извесно е дека ќе станеме членка на НАТО или до крајот на годинава или првите месеци во 2020 година.

Во делот на безбедносните закани ние имаме други проблеми слични со останатите регионални држави што ги имаат, мислам на оние кои се повратници од блискоисточните боишта. Ние имаме над стотина кои таму војуваат, се враќаат и ние сами за себе немаме ресурси тоа да го следиме секаде низ светот каде што одат на обуки и учествуваат во воени дејства.

Затоа е добро што де факто сме членка на НАТО и веќе добиваме корисни информации од нашите партнери и други членки на Алијансата.

А за одговорот од МВР?

– Мислам дека е најдобро од позиција на кандидат за претседател, особено во изборен период да не го коментирам тоа прашање да не се сфати дека вршам некаков политички притисок врз нив. Се надевам дека тие си ја знаат својата работа и професионално ќе го истуркаат целиот процес до крај.

МИА/Фото: Фејсбук/Пендаровски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Силјановска-Давкова за МИА: Новото име е правен факт и јас ќе потпишувам укази со него, ако станам претседател

Река за МИА: Уште малку ќе завршиме како празна држава, и граѓаните веќе се имуни од предизборни ветувања

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Река за МИА: Уште малку ќе завршиме како празна држава, и граѓаните веќе се имуни од предизборни ветувања

Редакција

„Пијанофорте“: Училиште за музика во кое животните лекции се дел од програмата

Редакција

Директорката на Инфективна, Стевановиќ: Возраста и коморбидитетите имаат сериозно влијание за исходот во лекувањето од Ковид-19

Редакција