еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

Почвата во Велес и околината и натаму загадена, предизвикувач е ридот со згура од тешки метали кај Топилницата

Почвата во Велес и по вршењето на деконтаминацијата со растенија фиторемедијатори сè уште е загадена со тешки метали, покажале лабораториските анализи на стручњаците од ЈЗУ Центар за јавно здравје од Велес.

Почвата и натаму ја загадува ридот со згура што се наоѓа во близина на Топилницата. Затоа еколошките здруженија бараат дислокација на оваа згура и координација со земјоделците, eкспертите, невладините организации и надлежните локални и државни институции за да се усвои стратегијата за деконтаминација на почва и да се примени во Законот за почви.

Еколозите од еколошкото друштво „Вила Зора“ во рамките на проектот „Да ја заштитиме почвата“, финансиран од УСАИД, вршеле деконтаминација на загадената почва во Велес и околината со засадување маслодајна репка, како фиторемедијатор, во периодот 2018/2019, а потоа преку лабораториски анализи на почвата од страна на стручњаци од ЈЗУ Центар за јавно здравје од Велес утврдиле дека и по деконтаминацијата во почвата сè уште е присутно загадувањето со тешки метали.

Како што појасни Ненад Коциќ од ЕД „Вила Зора“, тоа се должи на сè уште присутниот 1,5 милион тони црн рид со згура од тешки метали веднаш до Топилницата, кој и натаму врши континуирано загадување со тешки метали на почвата во и околу Велес.

Тој посочи дека најкритично е во реонот на Башино Село, кај Комплекс УЗУС и Речани. Затоа, за решавање на проблемот, потребна е дислокација на згурата. Најави дека ќе прекинат со процесот на фиторемедијација сè додека тука е лоцирана згурата со тешки метали.

Дека згурата е и натаму загадувач на почвата, вели, доказ е податокот дека иако еден земјоделец од Речани на четири декари целосно ја заменил почвата со нова чиста од друг регион, само по една година и таа била контаминирана.

Откако ќе се дислоцира згурата, рече, ќе се продолжи со деконтаминација на почвата и со други растенија – фиторемедијатори што се поотпорни на суша, како сончогледот, но и други поотпорни култури што треба да помогнат да се исчисти загадената и потоа на чиста почва да се садат градинарски култури што најмногу се одгледуваат во овој реон.

Кире Кочов од ЕД „Вила Зора“ во својата презентација на резултатите од проектот појасни дека тие покажуваат дека присуството на тешки метали на почвата по деконтаминацијата со засадена маслодајна репка на површина од 0 до 20 сантиметри, наместо да се намалат, се зголемиле за 0,5 пати, а оние на поголеми длабочини од 20 до 40 сантиметри по деконтаминацијата се намалиле се 3,5 пати.

– Тоа е поради тоа што во гориот слој поради континуиран загадувач сè уште постои загадување на почвата. А на подолните слоеви, маслодајната репка како фиторемедијатор ги примила во себе тешките метали и направила деконтаминација на почвата и намалување на концентрациите, потенцира Кочов.

Во прилог на тоа, рече дека по деконтаминацијата во коренот и листот на маслодајната репка имало за 20 пати зголемени концентрации на олово, а присуството на кадмиум било зголемено дури за 60 пати.

Оловото, рече, на површина од почвата 0 д 20 сантиметри пред фиторемедијацијата било со 201,6 микрограм на килограм или за 2,3 пати над дозволеното, а по фиторемедијацијата се зголемило на 218 микрограми на килограм што, потенцира, е за 2,5 пати повеќе од дозволеното. Тоа, рече, значи дека, наместо да се намалат, се зголемиле концентрациите на олово во почвата.

Како што информира Сашка Коцевска од ЕД „Вила Зора“, нивна цел преку овој проект е едукација и помош на фармерите и институционализација на овој еколошки проблем преку стратегиски документ за деконтаминација на почва.

Крајна цел ни е усвојување стратегија за деконтаминација на почва од страна на локалните и националните институции и нејзина примена во Законот за почви, вели таа.

Проф. д-р Трајче Стафилов од Институтот за хемија при ПМФ на УКИМ во Скопје и долгогодишен истражувач на загаденоста на почвите со тешки метали во Велес и во земјава, на презентацијата на проектот потсети на десетте таканаречени еколошки жешки точки во земјава, а меѓу кои, по скопски ОХИС, на второто место е депонијата со згура од тешки метали од велешката Топилница.

Тој потенцира дека загадувањето на Велес во градот и неговата непосредна околина, особено во индустриската зона е огромно и неколкупати над дозволените таканаречени интервентни вредности според холанските стандарди. Стафилов појаснува дека тие не можат да се споредуваат со наши стандарди бидејќи, рече, за жал, ги немаме.

Загадувањето на почвите доведува и до загадување на храната, така што загадувањето на зеленчукот што се произведува на тој простор е контаминирано, особено со кадмиум и олово. Така кај земените примероци од 40 зеленчуци на земјоделски површини во непосредна близина на Велес, концентрациите на кадмиум биле и над 20 пати, а на олово од два до 10 пати над дозволените интервентни вредности. На цинкот концентрациите не се ограничени, појасни проф. Стафилов.

Тој алармира до надлежните за горливиот проблем со почвите во Велес и земјава, а кои, според неговите анализи од теренот, се многу загадени и побара што поскоро освен еколозите, да го решаваат надлежните државни институции.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Скандал во „Дрисла“: Кучиња скитници јадат човечки остатоци и крв која потоа истекува во реката Вардар

Редакција

Скопје се гуши: Ќе поскапува паркинг-картата на „Градски паркинг“?

Редакција

Над 50% од скопјани користат сопствен автомобил како основно средство за превоз

Редакција