еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Поголема плата сакаат и 81.000 граѓани со блокирани сметки

Македонската Влада продолжува со политиките на претходната владејчка гарнитура и преку минимално зголемување на платите во образованието и во здравството се обидува да ги придобие симпатиите на илјадниците лица вработени во овие сектори, кои рака на срце заслужуваат поголеми примања со оглед на важноста на нивната професија за секојдневното живеење.

Имено, Владата вчера потпиша спогодба со која од следниот месец средномедицинскиот кадар ќе добива дополнително по 1.500 денари, докторите специјалисти на универзитетските интерни клиники ќе добиваат плус 3.756 денари, лекарите специјалисти во општите болници по 4.060 денари, а на докторите специјалисти на универзитетските клиники за хируршки болести платата ќе им биде повисока за 4.548 денари.

Пред некој ден, во Владата на Република Македонија беше потпишана Спогодба помеѓу Министерот за образование и наука, Арбер Адеми и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, Јаким Неделков, за зголемување на платите од 5% во основното и средното образование.

Интересно е што ваквите зголемувања доаѓаат во период кога има пад на просечната плата која во јуни 2018, изнесуваше 24.203 денари, што е намалување во однос на претходниот месец кога просечната месечна исплатена нето-плата по вработен изнесуваше 24.509 денари.

Уште поинтересно е што покачувањата на платите во здравството и образованието доаѓа во период кога Народната банка ги објави податоците за состојбата со блокирани сметки во земјава од кои може да се види дека заклучно со март, годинава блокирани биле сметките на 110.205 депоненти (граѓани и фирми).

Од вкупниот број блокирани депоненти, 81.553 се физички лица, а 28.652 се фирми односно правни лица.

За жал, никој не ги прашува овие лица дали би сакале поголема плата, бидејќи најверојатно работат во приватниот сектор каде што поголем дел од вработените можат само да сонуваат покачување на личниот доход или плата која е еднаква на просечната плата во земјава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Министерство за земјоделство склучи договор со Центар за водни технологии вреден 2 милиони евра

Редакција

Градоначалниците Богоев и Петровска дале изјави во Обвинителство за случајот „Рекет“

Редакција

„Врати го презимето на ов/ев и добиј 300 евра“, нова бугарска провокација од фондацијата “Македонија“

Редакција