еМагазин
Image default
Македонија

Пописот ќе чини 8,5 милиони евра: Ќе има графа за етничка и верска припадност

Пописот што треба да се одржи од 1 до 21. април следната година ќе ги опфати лицата во државава и тие што се во странство. Како и на претходната ваква статитистичка операција меѓу останатото ќе има и графа за етничко-културолошки и религиозни карактеристики, информира денеска директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Според Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите усвоен на вчерашната седница на Владата, првпат податоците ќе се прибираат со т.н. комбиниран метод, односно со класично теренско попишување и со податоци од регистри.

„Со Предлог-законот се дефинираат сите чекори што се преземаат за спроведување на оваа статистичка операција. Ова ќе биде исклучително статистичка строго професионална операција. Со пописот ќе се собираат податоци за географските и демографските карактеристики, економските, образовните, миграциските, етничко-културолошките и религиозните карактеристики и карактеристики посветени на лицата со посебни потреби. Покрај податоците за лица ќе се собираат податоци за домаќинствата, семејствата, како и за становите и зградите“, рече Симовски.

Тоа треба да овозможи поквалитетни и побрзи податоци, посочи Симовски, истакнувајќи дека апликативното решение што ќе се изработи за спроведување на пописот ќе ја елиминира можноста за двојно односно повеќекратно попишување. Ќе се овозможи контрола на нелогичните податоци, односно грешки. Лицата што не се во државава ќе можат да се попишат преку посебна веб апликација со претходна најава на неа со цел заштита на податоците.

Според Симовски, првите резултати од пописот се очекуваат за шест месеци по неговото спроведување. Целата статистичка операција, што се спроведува по 16 години, ќе чини 8,5 милиони евра.

Во пописот на населението, домаќинствата и становите ќе бидат ангажирани околу 6.000 лица, од кои 5.000 попишувачи, 500 реонски инструктори, 200 државни инструктори и членови на пописните комисии.

Целата територија на државата ќе биде поделена на 45 пописни реони.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Палмер: Осумдесетте гласа за поддршка на Договорот од Преспа го отвораат патот за европска иднина на Македонија

Редакција

Заев: Барањата на ВМРО-ДПМНЕ за техничка влада, нов јавен обвинител и комисија се неприфатливи

Редакција

Македонското МНР реагира на соопштението на руското МНР

Редакција