еМагазин
Image default
Балкан

Поради корона вирусот 800 евра месечна помош за 1,7 милиони вработени во Грција

Вонредната финансиска помош од 800 евра се проширува на уште многу вработени и може да ја добијат 1,7 милиони вработени, покривајќи 81 отсто од вкупниот број вработени во приватниот сектор, соопшти претпладнево министерот за финансии на Грција, Христос Стајкурас, објавувајќи проширување и на мерките за компаниите што ќе опфатат 800 илјади бизниси (76 отсто од вкупниот број) и 700 илјади самовработени (75 проценти од вкупниот број), јави дописничката на МИА од Атина.

Министрите за финансии, за развој и за труд на Грција, денеска го претставија четвртиот пакет економски мерки за месец април, што всушност претставува дополнување и проширување на досега објавените, а мерките достигнуваат до 6,8 милијарди евра, односно како што рече Стајкурас, 3,5 отсто од БДП.

Во однос на месечната помош од 800 евра, министерот за финансии на Грција објасни нема да се оданочува, а за оние вработени кои имаат право да ја добијат помошта, државата паралелно ќе ги покрие нивните придонеси за осигурување за 45 дена, воедно ќе добијат и четири месеци одложување на плаќањето на долговите кон даночната управа.

Мерката се однесува на сите вработени без разлика дали нивниот работен однос е на одредено или неодредено време, со полно или скратено работно време.

Министерот за труд и социјална политика на Грција, Јанис Вруцис, соопшти дека адвокатите, лекарите, инженерите, економистите – сметководители, професорите, наставниците и научниците, кои што се во посебна категорија, за тековниот месец, ќе добијат „едукативен надоместок“ во висина од 600 евра, а доколку кризата продолжи, од месец мај ќе бидат вклучени во мерките со останатите вработени и ќе добијат 800 евра помош.

За бизнисите, односно за околу 800 илјади компании предвидено е одложување на плаќањето на ДДВ-то и долговите кон државата.

За малите и средни претпријатија предвидена е посебна програма за финансирање преку т.н. „отплатен аванс“ за кој се одвоени една милијарда евра, а бизнисите директно од државата ќе добијат финансиски средства кои дополнително ќе ги вратат, а единствениот и главен предуслов за добивање на помошта е да нема отпуштања на вработените и да се задржат постоечките работни места.

Министерот за финансии на Грција уште еднаш потврди дека сите вработени во приватниот сектор регуларно ќе го добијат додатокот за Велигден, а овој пат ќе бидат вклучени и 108 илјади здравствени работници.

Стајкурас рече дека секој треба да ги исполни своите обврски, работодавецот да ги задржи работните места, вработениот да се прилагоди на “тешката работна средина“, а државата има обврска пред сите „да обезбеди безбедно средина за справување со исклучително тешките и вонредни околности“.

„Сè уште не знаеме колку ќе трае кризата. Затоа потребна е трезвеност, одговорност, остроумност и реализам. Штетата на економијата, краткорочно е важна. Ќе биде минлива“, вели министерот за финансии на Грција и додава дека со соодветните политики што ги спроведува владата и постојано ги зајакнуваме, целта е да се ограничат негативните последици од пандемијата на коронавирусот.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Нухиу: Корона вирусот го напаѓа МВР, петмина вработени заразени

(Видео) Потстрижувањето стана „луксуз“ поради корона вирусот

Пласидо Доминго хоспитализиран поради компликации од корона вирусот

(ВИДЕО) Болницата „Плодност“ во Битола затворена, еден од докторите е заболен со коронавирусот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Во Солун протест со тапани против Договорот од Преспа

Редакција

(Видео) Потоп во Белград: Невреме ги претвори улиците во реки

Редакција

Најголем дневен пораст на бројот на новозаразени со Ковид-19 во БиХ

Редакција