еМагазин
Image default
Македонија

Продолжуваат судењата за „Ласкарци“, „Траекторија“ и „Транспортер“

Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за случаите „Ласкарци“, „Траекторија“ и „Транспортер“.

Судењето за автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци.

Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

За автобуската несреќа обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Судењето за постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, „Траекторија“, се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.

Рочиште денеска е закажано и за предметот „Транспортер“, во кој поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица се товарат за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Трајче Пеливанов.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Два месеци се знаело за бегството преку тунел кое го подготвувале затворениците во Идризово

Редакција

Дали Бугарија ќе ни помогне за енергетската криза ќе се знае за две недели

Редакција

Филипче: Поради доцнење на испораките, ја разгледуваме можноста за набавка на вакцини против Ковид-19 од Кина

Редакција